Фудбалерите на Реал Мадрид го совладаа Ал Ахли од Египет со 4:1 (1:0) и со тоа се пласираа во финалето на Светското клупско првенство. За трофејот светски клупски шампион „кралскиот клуб“ на 11 февруари во Рабат (Мароко) ќе се бори со Ал-Хилал од Саудиска Арабија, кој претходно го победи бразилскиот Фламенго со 3:2.

Играчите на Карло Анчелоти не се мачеа премногу на овој натпревар, но лесно можеа да дојдат до поубедлив триумф откако Лука Модриќ ја пропушти можноста да ја погоди мрежата од белата точка.

Водечкиот гол за Шпанците беше дело на Винисиус Жуниор во 42 минута, а на стартот од вториот дел, во 46 минута Федерико Валверде го зголеми водството.

Ал Ахли не се предаваше, па во 65 минута Али Малуи од пенал намали на 2:1. Но, до крајот не само што не успеаја да израмнат, туку примија уште два гола.

По промашениот пенал на Модриќ во 87 минута, Родриго во 92 минута постигна гол за 3:1 на асистенција на Дани Себаљос. Конечниот резултат го постигна 21-годишниот Серхио Арибас во осмата минута од судиското надополнување.