Грипот продолжува да се шири во Македонија, а досега се пријавени вкупно 11.614 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. Ова претставува зголемување од 10,2% во споредба со истиот период минатата година, според податоците на Институтот за јавно здравје. Со оглед на зголемениот број на заболени, особено кај најмладите, важно е граѓаните да ги препознаат симптомите и да преземат соодветни мерки за заштита.
Со почетокот на февруари, покрај новите почетоци и студените ветрови, доаѓа и сезоната на респираторни инфекции. Оваа година, граѓаните се соочуваат со таканаречена “квад-демија” – истовремено циркулирање на грип, КОВИД-19, респираторниот синцицијален вирус (РСВ) и норовирус, кој предизвикува гастроинтестинални проблеми. Дополнително, обичната настинка ги комплицира симптомите, правејќи ја дијагнозата уште потешка.
Симптомите на грип се слични на оние на другите респираторни инфекции, а единствениот сигурен начин да се потврди присуството на вирусот е преку тестирање.
Карактеристични симптоми на грип:
- Кашлица
- Умор
- Треска или чувство на треска/зимница (не е задолжителна)
- Главоболка
- Болки во мускулите или телото
- Течење или запушен нос
- Болка во грлото
- Повраќање и дијареја (почесто кај деца)
Кога е неопходно итно медицинско внимание?
Иако повеќето луѓе имаат полесни симптоми и се опоравуваат без лекови, грипот може да биде опасен, особено за постари лица, мали деца и хронично болни. CDC препорачува итна медицинска помош ако се забележат следниве симптоми:
Кај возрасни:
- Отежнато дишење
- Болка или притисок во градите или стомакот
- Вртоглавица, конфузија, неможност за будење
- Силна мускулна болка
- Влошување на хронични болести
Кај деца:
- Температура над 40°C која не се намалува
- Сино лице или усни
- Брзо или отежнато дишење
- Суви уста, без солзи при плачење
- Одбивање да одат поради болка во мускулите
- Слаб контакт со околината
Лекување на грип
Доколку се заразите со грип, стручњаците препорачуваат да останете дома. Повеќето луѓе се опоравуваат без посебен третман, но одморот, хидратацијата и лековите без рецепт можат да помогнат во ублажување на симптомите.
Антивирусните лекови, можат да ја намалат тежината или траењето на симптомите. Овие лекови се најефикасни кога ќе се земат во првите еден до два дена од појавата на симптомите и се препорачуваат за лица со зголемен ризик од компликации, како што се бремени жени и лица со астма, срцеви заболувања или хронични белодробни проблеми. За било какви прашања или загрижености, обратете се кај вашиот лекар.

Превенција од грип
Најефикасниот начин за заштита од грип е вакцинацијата. Сезонските вакцини за 2024-2025 година се препорачани за сите лица постари од шест месеци.
Иако можеби не сте се вакцинирале порано, стручњаците велат дека не е доцна. Тековната вакцина вклучува заштита од грип Б, кој може да стане доминантен подоцна во сезоната.
Покрај вакцинацијата, следете ги овие едноставни мерки за превенција:
- Останете дома ако сте болни.
- Избегнувајте контакт со заболени лица.
- Носете маска во затворени, преполни простории.
- Одржувајте редовна хигиена на рацете.
Епидемиолошка состојба со грипот во Македонија
Во текот на 6-та недела од 2025 година (03-09.02.2025), во Република Македонија се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 5,1% помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 6-та недела од минатата сезона е зголемен за 53,6%.
Во однос на возрасната дистрибуција, 1.552 лица се на возраст од 15-64 години, 685 кај деца на возраст од 5-14 години, 371 кај деца на возраст од 0-4 години и 272 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години, а кај децата од 5-14 години инциденцата изнесува 318,9/100.000.
Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 11.614 . Во споредба со истиот период од минатата сезона,, бројот на пријавени случаи е зголемен за 10,2%, а во однос на моделот од последните 14 сезони се регистрира зголемување од 11,8%.
Кумулативно, заболените се пријавени од дваесет и девет ЦЈЗ/ПЕ. Најголем број на заболени лица се регистрира на територијата на Скопје, додека највисока кумулативна инциденца е регистрирана на територијата на Дебар.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението (од 15-64 години) – 6.587 случаи (56,7%), а највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.