Најсилната женска ракометна репрезентација на Македонија отвори со победа на „Трофеј Македонија“, а со тоа на најдобар можен начин беше одбележано дебито на селекторот Игор Марковиќ.
Новиот предводник на националниот тим се претстави на најдобар можен начин на воведниот натпревар, не само поради високата победа, туку и поради фактот што Македонија за првпат оствари победа против селекцијата на Србија во последните две децении.
По пауза од 18 години, женската селекција на нашата земја успеа да слави над Србија, иако мора да се напомене дека гостинките пристигнаа во доста ослабен состав на турнирот во Охрид.
Натпреварот мина во знакот на нашите ракометарки од почеток до самиот крај, а конечните 29:21 се најдобар показател за тоа што се случуваше на теренот во „Билјанини извори“.
Пресметката меѓу Македонија и Србија беше втора на програмата денеска, а претходно во голема драма, Хрватска и Црна Гора одиграа 20:20.





