Македонската ракометна репрезентација со убедлив пораз од Норвешка го почна настапот на Светското првенство, противникот беше значително посилен од нашата селекција и на крајот заслужено триумфираше со 39:27. 

Избраниците на Кире Лазаров со очекуван пораз тргнаа на Мундијалот, Норвешка е еден од фаворитите за највисок пласман и таквиот квалитет го покажаа против Македонија.

 Како и на пријателските натпревари пред стартот на Светското првенство, се покажа дека одбраната е слабата точка на нашата репрезентација, примивме дури 39 голови.

 Македонија се обидуваше да се надигрува, добро париравме во првиот дел од првото полувреме, беше 9-9 кога Норвешка направи серија од 4-0 и се одлепи на 13-9, следуваа наши два врзани голови, но откако ги постигнавме тие, комплетно застанавме. Следуваше нова серија на Норвежаните, овојпат од 5-0 за на полувремето да заминат со позитива од 18-11.

 Во најголемиот дел од второто полувреме се играше рамноправно, Кире Лазаров се обиде и со 7 на 6, но Норвежаните искусно го одржуваа високото водството. Во последните неколку од минути успеаа и да ја зголемат предноста за конечна победа од 39-27.

 Најдобар стрелец во македонската репрезентација беше Талески со седум голови, Манасков постигна пет, Кузмановски и Петров по четири. Кај Норвежаните најефикасен беше Сагосен со шест голови.

 Следниот натпревар на нашата репрезентација е во недела против селекцијата на Холандија со почеток од 18 часот.