ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН

Во досегашните истражувања утврдени се многубројни елементи на митолошката, историската, лингвистичката, теолошката и традиционалната посебност меѓу Македонија и Елада, меѓу Македонците и Елините. Не е многу ако се изнесе уште еден податок од нивниот секојдневен живот, а се однесува на календарот на овие два народа.


Така, елинската Нова година почнувала во лето и тоа во средината на месец јуни, античко име Скирофорион. Спротивно пак, македонската Нова година имала свој почеток во есен, месец септември, македонско име лоос (посакуван, желен).


Посебноста на Македонците од Елините се гледа и во нивната поголема побожност. Додека Елините на боговите им дале име на еден месец и тоа на богот Посејдон, Македонците еден месец му дале на богот Диас, а друг на божицата Артемида.

Според многу лингвисти, писмото на човечката цивилизација датира од околу 3.000 години п.н.е. (Тхе Тимес Атлас, 1986). Овој изум бил од основна важност за развојот на културата и цивилизацијата воопшто. Во почетокот служело за евиденција на луѓето, стоката, инвентарот, производите во земјоделието, техниката и други, како и за праќање разни пораки на далечина, за генеолошка евиденција, религиски пораки, сметководствени потреби итн.


Покрај археологијата, пишаните податоци во вид на епиграми на глинени плочки, папирус и слично, претставуваат извонредни и автентични историски сведоштва и можат да послужат како важни извори за изучување на историјата, економијата, географијата, јазиците, разни дијалекти и друго.
Не навлегувајќи во еволуцијата на писмото воопшто, се сметало дека тоа во егејскиот свет навлегло од исток, од Месопотамија и Египет. Така на пример, на Крит се употребувало линеарно писмо А, околу 1.700-1 450 г. п.н.е.,а подоцна, на Крит, во Микена и на Пилос линеарното писмо Б, од 1 450-1. 200 г. п.н.е., а потоа е користено феникиското писмо. Бидејќи папирусот бил редок, според Херодот (V, 58), „се пишувало на овчи и козји кожи, а варварите и ден денес уште пишуваат на такви кожи”.

Феникиското писмо е прилагодено најпрво во Мала Азија од Хетитите, а потоа од Јонците, кои според истиот автор „научиле од Феничаните како се пишуваат буквите, па изменувајќи ги малку се служеле со нив и ги нарекувале феникиски букви, бидејќи Феничаните ги донеле во Елада”. Ова писмо подоцна е наречено алфа-бета, со погрешно дадено име „грчка алфабета”, зашто сите негови суштински елементи, како што е обликот на буквите, редоследот, називите, етимологијата и правецот на пишувањето, се идентични со феникиските.


Продорот на феникиското писмо во Егејот бил различен. Ако тоа се развило во Феникија во околу 1.200 г. п.н.е., на Крит стигнало меѓу 1.100-900 г. п.н.е., на Тера во околу 700-600 години п.н.е., во Атика, Коринт и Македонија околу 600 г. п.н.е., во Рим во околу 700-500 година п.н.е., додека во Атина дури во 403 година п.н.е. Овој настан во Атина се случил во време на Архонт Евклид, кога феникиското писмо е прифатено официјално, а дотогаш се користело „пелашкото писмо” (пелазгики графи), (Папаставроу, 1972, 61 и Лекс. Арх. Елин. Глоссис, 1916).


Спротивно на овие тврдења, археологот Гимбутас (1982), повикувајќи се на радиокарбонското датирање на археолошките наоди на Анзабеговската и Вршник културата во Македонија, истакнува дека линеарните знаци кои обично се наоѓаат на фрагменти на вазни, фигури и слично, потврдуваат дека првото линеарно писмо се јавува на крајот на VI и почетокот на V милениум п.н.е. Исто така се изнесува дека ова писмо е постаро од сумерското околу 2. 000 г и дека ова писмо се поврзува со религијата и изведувањата на култните обреди, што е речиси традиција на сите архетипски писма.


Најсовремените археолошки наоди на камената-карпеста култура на карпите кај Кратово во Источна Македонија од страна на археологот Алексовски, со артeфактите во вид на графити, стари помеѓу 5.000-900 година, каде се прикажани цртежи на ракотворби, христијански крстови и астромапите, сведочат за континуитетот на праисториското движење и дека Македонија била еден од центрите на културата на Балканот (Симјаноски, 2001 година).

За исконската старост на писмото во Македонија потврдуваат и археолошките пронајдоци на локалитетот во Илина Гора, Горно светилиште, Осинчани близу Скопје, кои датираат помеѓу 7.000-6.000 година п.н.е. (Иљов, 2.000 година), или на лoкалитетот во селото Дупјак (Диспилион) на југозападниот брег на Костурското Езеро во Западна Македонија. Покрај мегалитските утврдувања и остатоци на соеници-населби на колци, камени секири и други остатоци од материјалната култура, установена е и штичка со натписи, со линеарно писмо кое уште не е дешифрирано.


Сите овие материјали кои со помош на Ц-14 датирани дека потекнуваат уште од 5.260 година п.н.е., се чуваат во археолошкиот музеј во Костур и Дупјак. Инаку, локалитетот се наоѓа на околу 3,5 км од Рупиште или Арг Орестикон, од каде потекнува и Аргеадската македонска династија. Во Македонија исто така е пронајден и бронзен овален печат со старомакедонски текст, на локалитетот „Церија” кај Говрлево, близу Скопје, кој датира од околу 1.500 година п.н.е. (Иљов, 2.000 година).

Покрај овие наведени факти, за автохтоноста и староста на писмото на Балканот сведочат и други многубројни истражувања, зашто слични наоди се најдени на околу четириесет локалитети, претежно во централниот дел на Полуостровот (Њинн, 1.981, 421). Овие пишани споменици на културата сведочат дека линеарното слоговно писмо е со сакрален карактер и е постаро од сликовното месопотамиско за околу два милениума.


Така на пример Пешиќ (1.980 и 1.985), на база на петрографите на лепенската култура од VII и VI милениум п.н.е. и испитувањата на керамичките пронајдоци на винчанската култура од IV милениум п.н.е., реконструирал низа знаци кои смета дека го сочинуваат оригиналниот алфабет на линеарното писмо со фонетски вредности. Тој истакнува дека ова претставува праписмо на палеобалканската глосологија и извор на досега најстарите познати писма и наречено е „винчанско писмо”.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН