Политичари, бизнисмени и вработени во УЈП се уапсени во полициска акција во Скопје и околината поради даночни злоупотреби, кои, според истрагата, им овозможиле да заработат илјадници евра, како и да се стекнат со недвижен имот и луксузни возила, кои потоа ги продавале за кеш. Станува збор за група составена од 15 физички лица и три фирми кои се осомничени за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, затајување на данок и перење пари. Меѓу приведените е и функционерот на ДУИ, Исмет Гури и неговиот син.

Приведени се и вработени во Управата за јавни приходи, каде што Гури беше заменик-управник на регионалната дирекција на УЈП-Скопје. Според Обвинителството за борба против организиран криминал, тие ја довеле во заблуда УЈП и неосновано добиле враќање на ДДВ во износ од околу 840.000 евра.

Предистражната постапка се одвивала повеќе месеци, а се однесува на активности кои започнале уште во 2020 година. Сѐ започнало во угостителски објект во Скопје, каде тројца од осомничените се здружиле со цел да направат даночна измама. Притоа ги поделиле своите улоги – едниот го користел својот должничко доверителски однос со едно правно лице, а друг бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови правни лица преку кои ќе генерираат фиктивни побарувања кон УЈП.

Третиот од групата, пак, електронски добивал известувања и постојано бил во тек со фиктивниот поврат на незаконски средства врз основа на одобрени барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок и тоа исклучиво за фиктивните даночни гаранти.

Како што објаснуваат од Обвинителството, групата потоа почнала да се шири. Кон неа се приклучиле уште осуммина, кои исто така добиле задолженија. Некои имале задача да учествуваат во подготовка на потребната документација за формирање и промени во правните лица и подготвување на потребната документација за даночните пријави, како и за склучување на Договори за пребивање на данок со фиктивните гаранти. Сметководителката била задолжена да ја подготвува фиктивната документација на правните лица до УЈП за даночната пријава ДДВ 04, а заради добивање на нелегален поврат на парични средства од данок на додадена вредност од УЈП.

Дел од осомничените, пак, имале задача како даночни гаранти на даночни должници да склучуваат договори преку кои за возврат добивале гориво, движен имот, луксузни возила или станови, кои подоцна ги препродавале, со што противправно се стекнувале со кеш. Врз основа на таквите фиктивни договори издавале невистинити фактури, со пресметан ДДВ, едни кон други, а потоа доставувале барања за пребивање на даночен долг со повеќе платен данок до УЈП.

Поради опасност од бегство, сокривање, фалсификување или уништување на трагите на кривичното дело, влијание врз сведоци и соучесници кои ќе ја попречат истрагата, се бара притвор за тројца осомничени, додека за останатите се предлагаат други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката.

Основниот кривичен суд во Скопје на 14 јули ги осуди Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ на затворски казни од по 3,5 години во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.