Софија е во состојба на вето, кое ќе трае додека Бугарите не влезат во македонскиот Устав, порача вчера Радев, а Ковачевски возврати дека сега секој во Бугарија дава секакви изјави и лови предизборни поени, па со Софија ќе разговара само за билатерални прашања и тоа дури откако ќе се формира политичка влада.

Вето нема, ние ги почнавме преговорите со ЕУ, му одговори категорично вчера премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот премиер Румен Радев, кој, пак, од Брисел порача дека Софија е во состојба на вето, кое ќе се тргне кога Бугарите ќе влезат во Уставот на Р Македонија. Премиерот Ковачевски најави и дека повеќе нема да го коментира ниту Радев ниту изјавите на кој било бугарски политичар додека таму не се формира влада.

Радев најави дека, иако не е тема на дневниот ред, тој задолжително пред Советот на ЕУ ќе го отвори прашањето за „зголемената агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Македонија“ затоа што во прашање се начелата на ЕУ.

– Пред две години точно тука пред европските партнери го претставив прашањето со правата на македонските Бугари. Тоа се одвиваше многу тешко, морав да наложам две последователни вета за преговорите на РМ за да сфатат нашите партнери дека тоа е сериозен проблем, со целата негова длабочина и да ја примат бугарската позиција, која всушност е соодветна на европската позиција што најде свое место во преговарачката рамка за РМ. Проблем е растечката агресија кон македонските Бугари што води до злосторства од омраза, палежи и стрелби по нашите културни клубови и физички напади на македонските Бугари. Очекувам дефинитивна институционална реакција од властите кај нашиот западен сосед и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не ја гледам потребната политичка волја – рече Радев.

Според шефот на бугарската држава одрекувањето на постоењето на проблемот само го одложува проблемот, води до ново насилство и ги стимулира престапите од омраза.

Македонскиот премиер Ковачевски во врска со овие наоди и најави на Радев дека ќе бара европски мониторинг и гаранции за бугарското малцинство рече дека Македонија е во поодмината фаза од скринингот на ЕУ и дека сите извештаи говорат дека тој се одвива непречено.

– Има патокази што ќе бидат основа за унапредувањето на нашето општество за исполнување на стандардите за ЕУ. Еден од тие услови се и правата на малцинствата што ги има секоја држава и кои очекувам дека ние ќе ги исполниме на врвно ниво, затоа што ако се споредиме со други земји, кај нас правата и на најмалите заедници се издигнати на највисокото ниво. Ние имаме институции, закони за остварување на правата на малцинствата, нивно рамноправно учество во јавната управа, употреба на јазиците, имаме и министерство што се занимава со тие прашања. Барањето на кој било политичар во тој дел за нас не е никаков проблем, бидејќи правата на сите групи што не се дел од мнозинскиот народ се на многу повисоко ниво од земјите во ЕУ – рече премиерот.