Владимир Путин тврди дека авионската несреќа во која загина Евгени Пригожин била предизвикана од детонирање на рачни бомби во авионот и сугерираше дека шефот на „Вагнер“ можеби бил на дроги.

Пригожин загина на 23 август, заедно со уште двајца високи заповедници на „Вагнер“, точно два месеца откако предводеше побуна против шефовите на руската војска, во која стигна на 200 километри до Москва.

Путин кажа дека истражувачкиот комитет пред неколку дена го известил дека авионот на Пригожин бил разнесен одвнатре.

„Фрагменти од рачни бомби биле пронајдени во телата на оние кои загинаа во несреќата. Немало надворешен удар на авионот и тоа е утврден факт“, изјави Путин.

Тој не прецизираше како бомбите биле детонирани во авионот, но навести дека дрога и алкохол можеби играле улога во несреќата.

„За жал, не е извршено испитување за да се утврди присуство на дрога и алкохол во крвта на жртвите. Но, знаеме дека Федералната служба за безбедност пронајде не само десет милијарди рубли во готовина, туку и пет килограми кокаин во вилата на Пригожин“, додаде рускиот лидер.

По побуната во јуни, Путин им нареди на борците на „Вагнер“ да се стават под контрола на Кремљ. Според него, неколку илјади „вагнеровци“ потпишале договори со руското министерство за одбрана.