Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун доби автомобил од Владимир Путин како подарок за лична употреба, објавија официјални лица, што всушност претставува кршење на санкциите на Обединетите нации, на кои што се согласи и Русија. Двете земји развија поблиски односи откако Ким и Путин се сретнаа во септември, кога ветија дека ќе промовираат размена во сите области.

Автомобилот од руско производство им бил доставен на најблиските соработници на Ким на 18 февруари, објави државната новинска агенција „КЦНА“. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, откри дека станува збор за лимузината „аурус“.

Според сајтот на оваа автокомпанија, „аурус“ е првиот руски луксузен седан, кој е и претседателски автомобил на Путин.

Се верува дека Ким е голем љубител на автомобили и дека поседува голема колекција луксузни странски возила, кои веројатно биле прошверцани. Таа, меѓу другото, содржи „мајбах“, неколку лимузини „мерцедес“, „ролс-ројс фантом“ и џип „лексус“.