Подарок е можеби најчесто изговорениот збор во декември, кога почнува потрагата по совршените подароци за фамилијата и пријателите. Психолозите решиле да се позанимаваат со темата – што се случува во мозокот кога даваме подарок некому?

– Давањето подарок активира региони од мозокот кои се поврзани со задоволство, општествена поврзаност и доверба, создавајќи ефект на таканаречен топол сјај. Излегува дека давањето подароци, особено кога им ги подаруваме на блиски лица, активира клучни патишта на наградување во нашиот мозок, под услов да не дозволиме стресот да ја одземе радоста на моментот – вели д-р Емилијана Сајмон Томас, истражувач при Универзитетот во Калифорнија, која ги проучува корените на сочувството, среќата и алтруизмот.

Неколку студии во последната деценија покажаа дека трошењето пари за друго лице поттикнува чувство на среќа. Тоа е така затоа што кога се однесуваме великодушно, без разлика дали донираме пари во добротворни цели или подаруваме нешто на сакано лице што тоа навистина го сака, се создаваат повеќе интеракции меѓу деловите од мозокот кои се поврзани со обработка на општествените информации и чувството на задоволство.

Во студија водена од швајцарски истражувачи, на пример, биле избрани 50 лица и им биле дадени по 100 долари. На половина од испитаниците им било речено парите да ги потрошат на себе, а на другата половина да ги потрошат на некое друго, блиско лице, во следните четири недели. Потоа извршиле функционална магнетна резонанса за да ја измерат активноста во мозокот која се поврзува со великодушноста и задоволството во текот на процесот на социјално делење. Откриле дека луѓето што трошеле пари на други лица имале повеликодушни и поискрени интеракции со другите луѓе и биле посреќни по завршувањето на експериментот.

– Ова уживање некому да му се направи нешто добро луѓето често го нарекуваат „топол сјај“. Но, суштински, единствениот дел од тоа чувство на награда при давањето подарок, во споредба со нешто како што е добивањето награда или освојувањето пари, е активирање на патишта во мозокот кои ослободуваат окситоцин – невропептид кој сигнализира доверба, сигурност и врска – вели Сајмон Томас.

Овие ефекти на мозокот се присутни и за време на различните чекори кои водат до отворање на подароците, купување и виткање на подароците. Комплетното искуство на смислување што да купите за некој што го сакате и едноставното предвидување како тоа лице ќе реагира кога ќе го отвори подарокот ги активира истите патишта на наградување и сето тоа е дел од радоста на давањето подарок, истакнува Сајмон Томас.

Сепак, наведува и дека иако давањето и добивањето подарок често може да доведе до надеж и возбуда, при давањето подарок може да дојде и до други емоции, вклучително и стрес и анксиозност.

– Кога сѐ ќе помине како што треба, тоа може да биде прекрасно, но може да се јави и анксиозност околу тоа колку пари се трошат или дали подарокот ќе му се допадне некому или не – вели д-р Скот Рик, професор по маркетинг на Универзитетот во Мичиген.

Тој наведува дека постои уште пострашно искуство кога сте во позиција во која добивате подарок од некој од кој не сте очекувале, а немате сопствен за да возвратите на вниманието.

– Ако се најдеме во ваква незгодна ситуација, би можеле да очекуваме одговор во мозокот како психолошка димензија на болка – вид активација која сигнализира вознемиреност и загриженост, за разлика од чувството на физичка повреда – вели тој.