Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со пораз ја затвори сезоната во Лигата на шампионите. „Зелените“ пред својата публика загубија од ПСЖ (26-35) и завршија со три победи, две ремија и девет порази во 14 одиграни натпревари.
Мечот за пелистерци беше само за престиж и за честа, додека на ПСЖ му беа потребни бодовите во битката за второто место. Сепак, тимот на Раул Гонзалез беше подобар во сите сегменти и заслужено се радува на победата во салата „Боро Чурлевски“ која беше полна до последното место.

Уште од самиот старт богатиот ривал наметна свое темпо. Имаше ПСЖ предност од 1-4, па беше 3-7, а пелистерци бркаа резултат во следните минути. Цело време ПСЖ имаше плус од три до четири гола, се до финишот на првото полувреме кога тимот на Гонзалез остана со двајца играчи помалку, а Еурофарм Пелистер тоа го искористи и со серија од три гола дојде на 10-11.

Гол за гол се играше до 12-13, а потоа машинеријата на ПСЖ повторно почна да „меле“, па се одлепи на 12-16. Високата позитива остана и до паузата (13-18), а вториот дел за фаворитот беше само рутина. Пелистер можеше да загуби и поубедливо да не беше „црната дупка“ на ПСЖ од шест минути без гол, благодарение на одбраните на Филип Ивиќ кој беше одличен меѓу стативите.

Најдобар стрелец на натпреварот кај пелистерци беше Филип Кузмановски со седум гола, пред Пешевски со четири реализации, додека кај ПСЖ, Пранди имаше осум, а Јахја пет гола.





