ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН– I ДЕЛ
Кога Шипка беше заземена со напад, Александар Македонски се спушти кон северната рамнина. Сирмос, трибалијанскиот крал со својата жена и со децата на својот народ побара спас на еден остров во Дунав, чија положба тешко може да се идентификува. Можеби тоа било во близината на Никопол. Трибалијанската војска која се повлече кон југ претрпе уништувачки пораз.
Три дена подоцна кога Александар Македонски пристигна до реката Дунав, таму се сретна со својата флота. Бидејќи бреговите на реката беа многу стрмни, Александар Македонски не успеа во својот обид да слезе со единиците на островот на кој Сирмос беше засолнат.
Тогаш кај Александар Македонски се појави брилијантна идеја. Така, со изненадувачко демонстрирање на сила го скрши отпорот на непријателот. Тој одлучи ненадејно да го премине Дунав, a co тоа го натера да бега Гета кој живееше од другата страна на брегот, со што го принуди Сирмос да се предаде.
Кон овие политички и војнички цели, треба да се додаде уште еден чисто личен мотив. Во најдобриот извор на информации првпат се вели дека Александар Македонски ја зазел таа земја со цел да го премине Дунав.
Ова беше само желба за непознатото, неиспитаното и мистериозното, кои во подоцнежните години го одведоа неодоливо во други краеви на светот. Cera неговата млада душа, во која беше туѓа секоја идеја за освојување на светот, го поттикна да фрли поглед на непознатиот и туѓ свет надвор од границите на своето кралство.
Многу тивко се подготви за премин преку реката Дунав. Беа собрани чуновите за риболов на тамошното население, а платната од шаторите ги наполнија со сено да им помогнат при пливањето. Co вакви примитивни методи и со помош на својата флота ја искористи тивката и темна ноќ да префрли преку река што е можно повеќе единици.
Предзори, Александар Македонски веќе имаше 1.500 коњаници и 4.000 пешаци од другата страна на брегот. Рано изутрината тој ги поведе единиците низ нивите со пченка и ги замаскира.
Потоа изврши јуриш со коњицата и се судри со Гета кој беше улогорен пред својот град. Целосно изненаден од овој речиси непоимлив брз налет на Александар Македонски, иако беше посупериорен по број, Гета се повлече назад во градот, набрзина ги качи жените и децата на коњи и исчезна во степите на север.
Александар Македонски го опљачка и го уништи градот, потоа на северниот брег на Дунав принесе жртва на Зевс Спасителот, на Херакле и на Богот на реката кој му дозволи да ја премине, а истиот ден ја поведе својата војска назад во логорот на јужниот брег, без да загуби ниту еден војник.
Оваа речиси неверојатна акција, бездруго, имаше определени резултати. Сирмос и неговите Трибалијанци му се покорија на Александар Македонски. Другите соседни племиња јужно од Дунав исто така испратија дипломатски претставници кај кралот и му го изразија своето почитување. Славата на неговото дело се слушна дури до Келтите, кои потоа се повлекоа источно од Јадран и испратија амбасадорски претставник за да го замолат за пријателство.
Теророт што Александар Македонски го спроведе имаше долготраен ефект. Имено, тоа беше педесет години пред Келтите да ја нападнат Античка Македонија и Античка Грција.
Александар Македонски се враќаше во Античка Македонија преку западниот пат низ Пеонија, но во близината на Софија во регионот на Агријан, беше информиран од едно негово верно племе дека Клеит, кралот на Илирите, се побунил.
Веднаш потоа (околу август) Александар замина веројатно откај Ќустендил, преку Еригон (Црна) до важната граница на тврдината Пелион, преку преминот од Горна Македонија до Илирија.
Тој дел, всушност, беше во рацете на непријателот. Александар Македонски веројатно успеа да ги прогони Илирите од високите предели, опколувајќи ги во градот, меѓутоа, беше спречен со доаѓањето на таулантијанскиот принц Глауција, кој им се придружи на бунтовниците. Александар Македонски мораше да отстапи и само со извонредна маневра успеа да ја избегне опсадата.
Најпосле, непријателот беше поразен со изненадување во отворена битка, по што се повлече во тврдината Пелион, го запали градот и избега. Така, колку што судирите беа поризични, толку Александар Македонски полесно победуваше. Имаше среќа и брзо ја постигнуваше својата цел. Веднаш по освојувањето на Пелион, му пристигна веста за опасното востание што се крена во Античка Грција, за кое беше потребна неговата брза интервенција.
Инаку, во изминатите и во наредните продолженија ќе се обидеме преку „Македонска нација“ да го претставиме историскиот роман „Александа Велики“ од германскиот научник Урлих Вилкен (Ulrich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), преведен и прилагоден од англиски на македонски како „Александар Македонски“ од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за Античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесетина години.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН