Договорот на војводата и војвотката од Сасекс со „Спотифај“ заврши откако поткастот, чија домаќинка беше Меган Маркл, не беше обновен за втора сезона.

Прекинувањето а соработката беше потврдено во заедничката изјава на „Спотифај“ и „Арчевел аудио“, издавачката куќа на принцот Хари и Меган Маркл. Во заедничката изјава се вели: „Спотифај и Арчевел Аудио спогодбено се разделија и ние сме горди на серијата што ја создадовме заедно“.

Меган беше домаќинка на поткастот „Archetypes“, со вкупно 12 епизоди од август 2022 година, во кој разговараше со познати личности.

Меѓу гостите беа тениската ѕвезда Серена Вилијамс, пејачката Мараја Кери, Парис Хилтон и актерките Минди Калинг и Констанс Ву.

Кон крајот на 2020 година, Хари и Меган потпишаа профитабилен договор со гигантот за аудио стриминг за хостирање и производство на подкасти, чија вредност се проценува на околу 25 милиони долари. Во декември, „Archetypes“ ја освои наградата за врвен подкаст на „Пиплс чоис авордс“ во Лос Анџелес.