Книгата „Ако се родат чувства“ од Блаже Миневски, добитник на „Рациновата награда“ за роман на годината е промовирана во ЦК „Бели мугри“ во Кочани. Станува збор за емотивна приказна за љубовта помеѓу апостолот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, и учителката од Охрид, Јанка Каневче.

Омилената песна на Гоце Делчев „Кукни кукавице“, стара стотина години, со доста емоции ја испеа професорот Доне Донев, другар од студентските денови на Блаже Миневски.

Романот „Ако се родат чувства“ е плод на дваесетгодишно истражување на авторот и е во издаваштво на „Матица македонска“ – Скопје, а поради големиот интерес од читателската публика деновиве од печат излезе и неговото второ издание.

Големата љубовна одисеја на Гоце и Јанка почнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години. Траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Герџиков да се венча со Јанка, но само „ако се родат некакви чувства“.

Дали се родиле такви чувства е едно од прашањата што ги поставува романот.

Во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва „за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот, за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина“.