Криминална група од 20 лице, меѓу кои 5 вработени во полиција, криумчарела ексклузивни луксузни возила од европските, но и соседните земји кои биле крадени и по нив имало меѓународна потрага. Потоа со фалсификувани документи на различни гранини премини ги внесувале нелегално во Македонија. Станува збор за 15 возила со вкупната вредност од над половина милион евра. Во акција на полицијата и обвинителството уапсени се 18 осомничени од Скопје, Битола, Ресен и Кочани, а двајца се во бегство. Поднесени им се кривични за криумчарење, фалсификување исправи, злоупотреба на лични податоци. Според доказите во изминатите две години избегнувајќи ги царинските контроли, употребувале лажни исправи за да ги регистрираат возилата и ги продавале со променети броеви на шасија.

-Овие автомобили биле предмет на кривично дело во други европски држави и предмет на меѓународна потрага, кои се внесувани со криумчарење, а потоа се прават документи, фалсификување на службена исправа, фалсификување на исправи, нивно легализирање. Потоа се преминува на прикривање на кривичното дело со препродавање од едно на друго лице за многу пониска цена, се дур не се прикријат трагите, за на крај да се препродадат на лице по вистински проценетата вредност – објасни Наташа Сарамандова, јавен обвинител

Акцијата за разбивање на оваа криминална група се спроведе утринава и во текот на ноќта на 23 локациии при што беа запленети странските луксузни возила по кои се трага во Србија, БиХ, Белгија, Луксембург, Данска, Германија, Шведска, Велика Британија и Бугарија. При претресите кај осомничените се пронајдении оружје, муниција, дрога и други предмети

-Пронајдени се и одземени еден воздушен хеклер, марихуана, еден пиштол, прашкаста материја, преку 400 куршуми кал. 9мм, 12 куршуми кал.7,64, куршум кал.7,65 мм, куршуми 7.62 мм, куршуми 7.62 x39, 40 куршуми за гасен пиштол, две воздушни пушки, детектор за метал, четири рамки со по 25 куршуми, еден топовски удар, една рачно направена бомба, еден панцир со плоча, безбол палки, ножеви, стари полициски амблеми, радиоврски, дрон, сензор за аларм, пригушувачи, компјутери и поголем износ на пари во различни валути, осум договори за купопродажба, печати од правно лице и други предмети, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Обвинителството побара притвор за 8 лица од оваа криминална група, а за останатите е предложена мерка за обезбедување.