Еден од највлијателните австралиски политичари призна дека носел нацистичка униформа на неговата роденденска забава за 21-виот роденден. Откако медиумите објавија за инцидентот, тој јавно се извини. Премиерот на Нов Јужен Велс Доминик Перотет (40) проговори за инцидентот во четвртокот, два дена откако негов колега приватно го споделил со него, пренесува Би-Би-Си.

Тој рече дека тоа е ужасна грешка, направена кога бил млад и наивен. Лидерот на конзервативната коалиција во државата, Перотет се соочува со избори за два месеци.

„Длабоко се срамам од она што го направив. На таа возраст во мојот живот, едноставно не ја разбрав тежината на тоа што значи таа униформа.“, им рече тој на новинарите на емотивната прес-конференција.

„Навистина ми е жал за повредата и болката што тоа ја предизвика, особено на членовите на еврејската заедница, преживеаните од Холокаустот, ветераните и нивните семејства“, додаде тој.

Инцидентот се случил во 2003 година. Тој рече дека контактирал со еврејските лидери во Нов Јужен Велс за да им се извини лично.

Еврејскиот одбор на пратеници на Нов Јужен Велс рече дека Перотет има „длабоко и искрено жалење“ за неговите постапки од пред речиси 20 години.

„Овој инцидент, без разлика колку е стар, е потсетник за потребата постојано да се едуцираат сите Австралијци – а особено нашата младина – за одвратната природа на нацистичкиот режим“, изјавија претседателот Дејвид Осип и извршниот директор Дарен Барк.

Перотет стана премиер на најнаселената австралиска држава во 2021 година, кога неговиот претходник поднесе оставка откако се заплетка во истрага за корупција.

Тој се соочува со тешка битка за победа на државните избори во март. Либерално-Националната коалиција е на власт 12 години, но голем дел од неговите колеги се пензионираат, а коалицијата е критикувана дека не промовира повеќе жени.