Д-р Гордана Алексова, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје престојува на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта каде деновиве ќе одржи одржи шест часа на две теми од областа на македонскиот јазик. Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.

Во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија таа предаваше на тема „ДА-конструкција во македонскиот јазик – граматички и стилистички карактеристики“ пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија. Директорот на институтот проф. д-р Роберт Киш-Семан ù посака срдечно добредојде и успешна работа.

Алексова ќе одржи предавање на тема „Интеркултурните компетенции на учебниците по македонски јазик – теоретски и практичен преглед“. Во договор со студентите на Лекторатот по македонски јазик ќе одржи и предавање за Видови предмет во македонскиот јазик, тема која им задава потешкотии во совладувањето на македонскиот јазик.

Златко Панзов од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта најавува дека во рамките на манифестацијата „Цртај на македонски јазик“, младата уметница Јана Борбала Панзов ќе го реализира и претстави проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик“ пред своите врсници од македонската дијаспора во Унгарија. Кон средината на јуни, Лекторатот по македонски јазик во соработка со Институтот за унгарски вина, музичкото дуо „БудаПесме“ и винаријата „Попов“, како главен поддржувач и покровител, во Будимпешта ќе биде организирана Македонска вечер (вечер на македонско вино и македонска изворна музика).

Панзов повеќе гпдини работи на промоција на македонскиот јазик и култура преку организација на манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, која преставува единствена културна манифестација од ваков вид во Унгарија и редовно се одржува од 2019 година.