ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Четвртото лексикографско дело е „Библискиот речник“ (1996), кое е дело на„Библиското здружение на Македонија“ и „Македонска искра“, Скопје, објавено на 215 страници. Рецензенти на делото се д-р Јоаким Хербут, м-р Ратомит Гроздановски и м-р Ѓоко Ѓоргевски. Тоа е првиот речник во македонската лексикографија, во којашто се обработени библиски, религиозни и научни термини и изрази од областа на Библијата и други дела за религијата.
Делото „Библиски речник”, чиј автор сум со м-р Петко Златески е отпечатено во 1997 година на македонски јазик, со благослов на поглаварот на Македонската православна црква, Охридска архиепископија, неговото блаженство, архиепископот г.г. Михаил, а во редакција на д-р Јоаким Хербут, Скопски бискуп на Католичката црква во Македонија, д-р. Ратомир Гроздановски и м-р Ѓоко Ѓерѓевски, двајцата професори на Православниот теолошки факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, при што голем е придонесот на уредникот на „Библиски речник”, Елена Стојанова.
Овој библискиот толковен речник, главно, содржи историски и археолошки податоци за личностите од Библијата, поединости за библиските настани и институциите, податоци за библиските книги со најразновидни информации наменети за денешниот културен и религиозен свет.
Исто така, дадени се и повремени кратки објаснувања на одделни теолошки термини, пропратени со бројни библиски цитати. На тој начин, доаѓа до израз изворниот мотив за составување на овој речник, тој да биде не само со научни, туку и со информативни карактеристики.

Во врска со печатењето на „Библискиот речник“ треба да се нагласи дека темелите беа поставени во 1988 година кога беше издаден Новиот Завет во нов превод на архиепископот Гаврил, а целата Библија беше издадена од United Bible Societies (UBS) во 1990 година, која е позната како „Гаврилова“ Библија.
Новото ревидирано издание, познато како Македонска стандардна Библија, беше издадено во 2006 година од Библиското здружение на Република Македонија. Оваа Библија е одобрена и со благо-слов на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а ја користат голем број македонски христијани нашироко во светот.
Промоции и објави:
Првата промоцијата на Библискиот речник, чии издавачи се Библиското здружение на Република Македонија и Книгоиздателството „Македонска искра“, е направена на 7 април 1998 година, на празникот „Свето Благовештение“, во црквата „Света Петка“ во Скопје. Говорејќи за ова дело, Неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил, меѓу другото, истакна дека делото на Петко Златески и Славе Николовски – Катин е од огромно значење за читањето и обработката на Светото писмо (Библијата), особено за учениците од Македонската богословија и за студентите од Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“.
Според него, Библијата е едно од најзначајните културни наследства, не само на еден, туку на сите народи во светот. За Евреите, како и за православните, римокатолиците и протестантите, таа е Света книга, инспирирана од Светиот Дух, а за човекот е светлост која постојано го осветлува неговиот живот.
Од делото „Библискиот речник“во порталот „Македонска нација“,во 2020 и 2021 година се објавени четириесе и четири (44) продолженија, а поголем број од продолженијата се објавени и во „Македонско сонце“, како и во порталот на Матицата на иселениците од Македонија и во други информативни гласила во Република Македонија и во македонското иселеништво.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





