-Публиката веќе добро ги препознава твоите авторски дела, но наскоро ќе има можност да ужива и во тојот прв албум. Со што ќе се претставиш и што те инспирираше за албумот?
Марковски: Сѐ уште работам на албумот. Сакам да му посветам доволно љубов и внимание, тие се песни кои спонтано излегуваат од мене, не се наменски, ниту па ги имам ограничено во некаква рамка. Ја сакам музиката, со неа сум цел живот, сакам кога правам музика, едноставно можам да кажам дека она што ќе го има во албумот, е музика која јас лично ја сакам и сакам да ја правам, немам некакви таргети. Сепак, бидејќи веќе долги години работам музика, сега сакав да си посветам време на себе и музиката која јас ја компонирам, да си ја отпеам јас.
-Кога албумот ќе стане достапен за јавноста?
Марковски: Како што посочив и претходно, немам некаква рамка за албумот, се надевам дека ќе биде во скоро време. И ветувам дека ќе го споделам наскоро.
-Преку твоите авторски дела секогаш се осврнуваш на актуелните прилики во општеството. Таков беше случајот со песната „Секој ден е иста приказна“ инспирирана од пандемијата. Кои се пораките кои сега со новиот албум ги упатуваш до твојата публика?
Марковски: Во албумот секоја песна носи своја порака, во истиот ќе се најде и песната “Само еден ден“, која ја промовирав за време на пандемијата, но има и останати кои имаат интересна порака, се надевам дека и за една од песните на албумот ќе направам и видео запис. Сакам публиката да почуствува дека овој албум ќе биде направен со љубов и внимание, односно она што јас како автор, но и сите кои се вклучени во изработката на албумот, најмногу сакаме да го правиме. И мислам дека тоа би била пораката, едноставно секој од нас треба да си посвети време на себе и да го прави она што навистина го прави среќен.
-Интересен е твојот ангажман на битолската „Зимска приказна“-манифестација која од пред Офицерскиот дом во Битола навистина ги анимираше битолчани за време на празниците. На што работиш?
Марковски: Таму сум со „Циклонот 360“ и сум задолжен за видеата на социјалните мрежи, популарно наречени „reels“. „Циклон 360“ ја нарековме направата која секоја вечер е поставена пред Офицерскиот дом во Битола за време на Зимската Приказна. Станува збор за направа со платформа и ротирачки статив на кој се поставува камера, мобилен телефон, таблет и сѐ она што е можно да снима видео, а со самото ротирање околу оската, односно платформата се добива ефектот 360, или што би рекле битолчани „од сите страни“. Ова е нов момент во Битола и регионот, а Зимската Приказна беше одличен момент за да се искористи истото, каде на едно место ги имаме уметниците кои настапуваат, но и публиката која ужива во атмосферата. Токму во ваков амбиент „Циклон 360“ се вклопува најдобро. Може да се користи во секакви пригоди, на настани, промоции, фамилијарни веселби и.т.н.
Видеата кои ги прави „Циклон 360“ може да се погледнат на Инстаграм профилот: https://www.instagram.com/ciklon360/
-Она што привлече внимание во јавноста беше и изложбата „Звукот на Битола“. Каква беше твојата улога и од каде дојде идејата за еден ваков проект?
Марковски: „Звукот на Битола“ ја создадовме јас, Александар Котевски и Никола Тргачевски. Во тој проект учествував како аудио техничар, бидејќи тоа беше мултимедијална изложба, односно фотографии со звук. На локацијата каде Александар ја правеше фотографијата, јас бев до него и го снимав звукот од околината на апаратот, односно звучниот амбиент на градот.
Многу интересен проект за мене како аудио техничар, на кој навистина се гордеам, бидејќи многу си ја сакам Битола. Таа изложба сѐ уште се наоѓа во Офицерскиот дом во Битола и може да се погледне.
-Како се одвиваат работите во твоето музичко студио Гимел. Колку во празничната сезона работите се раздвижени на музички план?
Марковски: Последниов период сум генерално посветен на мојот албум, но работам и на останати музички композиии. Оваа празнична сезона ја помнинувам на Зимската приказна кај Офиерски, но после Новата година дефинитивно ќе бидам во студио каде ќе работам на музика.
-Какви се твоите планови за 2023 година?
Марковски: Најмногу би сакал албумот да го промовирам во наредната година, сакам да снимам и видео запис, ќе се потрудам тоа да го реализирам. А она што можам да го ветам за идната година е дека во секој случај она што ќе излезе од мене како проект и моите соработници, дефинитивно ќе биде уникатно и забавно.