Во изминатите 11 месеци, и покрај тоа што во имотниот лист навела дека има два стана во Скопје, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска од Битола наплатила 550.000 денари (околу 9.000 евра) за патни трошоци од Собранието, објави „Сител“. Телевизијата ги истражуваше надоместоците за патни трошоци кои од државата ги наплатиле пратениците во изминатата година.

Вкупно 73-ца пратеници лани побарале и добиле пари за да им се исплатат трошоците за патот до работното место, а тие наплатиле вкупно околу 360.000 евра од државата за овие трошоци. Од нив, осуммина пријавиле дека имаат станови во Скопје.

Според истражувањето, Лозановска за 11 месеци добила над 550.000 денари, и покрај тоа што поседува два стана во Скопје – едниот, од 74 квадрати, се води на име на нејзиниот сопруг, а другиот е заведен под „имот на деца“ и е со површина од 54 квадратни метри.

Од Лозановска не е далеку ниту Панчо Минов од пратеничката група на СДСМ, кој наплатил 530.000 денари, иако неговата сопруга има стан во скопје.

Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ наплатила 365.000 денари за патувањето од Скопје до Гостивар и обратно, иако нејзините родители имаат дури четири стана во Скопје, покажува истражувањето на „Сител“.