Жестоката правна битка за француската винарија „Миравал Шато“ на Бред Пит и Анџелина Џоли, која се проценува дека вреди 500 милиони долари, би можела да зависи од неверојатен 1 долар, пренесува „Пејџ сикс“.
Холивудските ѕвезди не избираат средства кога се караат за винарија која во 2008 заеднички ја купија по цена од 28,4 милиони долари со цел да започнат развој на сопствен бренд. Правната битка се водеше пред судовите во Калифорнија и Луксембург, а „Пејџ сикс“ сега известува дека спорот може да се реши за сума од еден долар.
Имено, во времето кога ја купиле винаријата, Пит имал 60 отсто, а Џоли 40 отсто сопственост. Меѓутоа, непосредно пред венчавката, во 2014 година, актерот ѝ оставил дополнителни 10 отсто од сопственоста на својата сакана во знак на љубов и лојалност, а тие 10 отсто ѝ ги продал по симболична цена од едно евро или 1,08 долари.
По крајот на нивната љубов, Џоли го продаде својот удел во винаријата на подружница на групацијата „Столи“ во сопственост на рускиот олигарх Јури Шефлер. Но, адвокатите на актерот сега тврдат дека неговата поранешна сопруга не му исплатила сума од едно евро, односно 1,08 долари, па сега бараат од судот да се откаже договорот Џоли-Столи.
Целиот случај го обелодени раководството на „Столи“, од каде велат дека не се запознаени за никакви проблеми поврзани со купувањето на 50 отсто од „Миравал“ и дека немаат никаква загриженост за тоа.
Таблоидот пак, пишува дека адвокатскиот тим на актерката го нема тоа мислење и сега се прашува дали таа ја платила спорната сума или не. Тие, исто така, се сеќаваат како Пит претходно тврдеше дека Џоли се оддалечила од нивните ексклузивни преговори за откуп откако изјавила дека сака да излезе од „Миравал“, за подоцна да ги продаде своите акции на „Столи“.
Џоли тогаш тврдеше дека немале договор во врска со двонасочната согласност за продажба, додека Пит вели дека ја продала винаријата без негово знаење, што таа јасно го негира.