ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН– I ДЕЛ
Бидејќи Александар Македонски разбра дека го сметаа за мртов, што целосно ја измени законската положба, тој прво се заложи побунетите Тебанци да ги врати во Лигата без да се пролее крв. Кога им го предложи тоа тие одговорија со коњички напад врз неговата стража. Грешката на Тебанците беше во тоа што сметаа дека Александар е мртов.
Наредниот ден кралот маршираше околу градот и се улогори на југ пред портата Електра, каде што се уште привлекуваа внимание остатоците на стариот пат кон Атина. Овде, тој можеше да изврши напад со гарнизонот од Кадмеја, бидејќи нејзиниот јужен ѕид на тоа место се спојуваше со тој од градот. Тебанците направија двојна ограда од колје пред портата за да ја пресечат врската на гарнизонот со надворешниот свет.
Александар Македонски го одложи нападот, надевајќи се дека ќе постигне мир. Тој им вети повторно на Тебанците дека тие ќе бидат примени во Лигата доколку му ги предадат водачите на бунтот. На тоа тие му одговорија со презир, велејќи дека тој треба да им го предаде Алтипатер и водачот на Кадмеја.
Притоа тие извикуваа од високата кула дека секој оној што сака да им се придружи ним и на Големиот крал за да ја ослободатантичка Грција од тиранијата на Александар, без двоумење може да им се приклучи.
По сето тоа Александар Македонски ја извади сабјата и со голема лутина нареди напад. Арно ама, пред да даде сигнал за напад, Пердика со својот полк ги нападна оние кај оградата од колци и започна да се бори, со што се разви општа борба пред јужниот ѕид на градот. Кога војската која напаѓаше под раководство на Пердика беше поставена на борбената линија на патот, Александар со своите најдобри единици влезе во акција.
Наспроти добрата одбрана, Тебанците беа заобиколени, а античките Македонците со сила успеаја да влезат во градот преку портата Електра заедно со прогонетите.
Другите дивизии му се придружија на гарнизонот во Кадмеја и побрзаа кон градот каде што Тебанците направија уште едно упориште близу Амфион. Се случи страшен масакр над населението повеќе поради старата омраза на Бојотијанците и Фокијанците отколку поради лутината на античките Македонци.
Што треба да се направи со освоениот град? Како хегемон на Лигата, Александар Македонски свика вонреден состанок на Федералниот совет и се обрати кон него тој да го реши прашањето, бидејќи ваква одлука требаше да донесе Федералниот суд, а не хегемонот.
Само соседниот сојуз, главно Бојотијанците и Фокијанците, брзо ги испратија своите пратеници и така на состанокот најдоа излез со израз на омраза на угнетените чии многу генерации страдаа под врховната власт на Тебанците.
Во оваа случка човек може целосно да го види бедното неединство на античките Грци: по пропаѓањето на Атинската империја (404) Тебанците и Коринтците побараа уништување на Атина, а сега претставниците на Лигата бараа уништување на Теба. Ниеден член од Лигата не го бранеше извршувањето на ваквата казна, како што е примерот со Спарта која потоа направи добро дело во своја корист.
Имено, додека Спарта и оддаваше признание на Атина во војните за слобода од Персија, овојпат претставниците посочија на предавството за кое Теба беше виновна. Поттикнати од ова, решението на Лигата беше Теба да се срамни со земјата, да се подели територијата (со исклучок на онаа што беше света) меѓу бојотијанските членови на Лигата, да се остави постојан македонски гарнизон во Кадмеја, да се продадат жените и децата како робови и да се прогласат тебанските бегалци како одметници на целата територија на Лигата.
Доколку Александар Македонски сакаше можеше да ја ублажи острината на одлуката. Но, во корист на панелинистичката идеја и војната за освета против Персија, тој мораше да им покаже што ги чека бунтовниците кои ја издадоа Лигата и беа играчка во рацете на персискиот крал.
Така, Александар како хегемон без колебање нареди да се изврши одлуката. На тој начин светиот град, градот на Кадмо и Оедип, градот на Епаминонда беше збришан од површината на земјата. Современиците сепак чувствуваа дека Александар Македонски имаше грижа на совеста. Подоцна кога имаше можност да покаже милост спрема одделни Тебанци, тој секогаш го правеше тоа.
Неговата наредба да се поштеди куќата на Пиндар, големиот тебански поет, покажува дека Александар Македонски не наредил да се уништи градот во состојба на „бесен ѓавол”, туку под притисок на политичките услови и со поделени чувства во својата душа. Исто така, непобитно е дека тој одлучил да војува само тогаш кога ќе има целосно помирување на античките грчки држави. Овој страшен пример беше добредојден за да им прости на другите бунтовници.
Најмногу изненадени од ова беа Атињаните, свесни за својата вина како поттикнувачи на античкото грчко востание. Сензационалната вест за тебанската катастрофа одекна како гром од ведро небо во периодот кога ги изведуваа големите црковни церемонии, па затоа очекуваа дека ќе бидат казнети од победникот, иако претпазливо ја затаија ветената помош и ги оставија, Тебанците на цедило.
Веднаш испратија пратеник кој му го честита на кралот неговото безбедно враќање од север и казнувањето на Тебанците. Ваквото поведение е толку бесрамно што тешко може да се оправда.
Откако ја почувствуваа кралската склоност кон милоста, Атињаните решија, по барање на Александар Македонски, да ги предадат антимакедонските водачи на чело со Демостен и да молат за повлекување на барањето испратено по втората делегација предводена од Фокион.
Александар Македонски, надвор од симпатиите спрема Атина, сметаше дека е важно да не го вкрсти оружјето со персискиот крал, со најсилната военопоморска сила. Затоа се согласи и го поддржа прогонството на генералот Харидем, негов најжесток противник, кој пребега во Персија придружен од свои истомисленици.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН