По политичките промени во Бугарија и изборот на нова влада предводена од Румен Радев, од Скопје пристигнуваат различни пораки и очекувања за иднината на односите меѓу двете земји.
Ставовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се разликуваат во однос на тоа како ќе се развива дијалогот со Софија и какво влијание ќе има врз европската перспектива на земјата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче бара почитување, премиерот Христијан Мицкоски предупреди на вжештена атмосфера, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова повикува на конструктивен дијалог со Бугарија.
СДСМ и Филипче: Почитување и европски курс
СДСМ му честиташе на Румен Радев за изборот за премиер на Бугарија, изразувајќи очекување за конструктивен пристап кон Македонија.
„Се надеваме дека новата бугарска влада ќе покаже разумен пристап и ќе придонесе за градење добрососедски односи, без загрозување на македонскиот идентитет, јазик и култура“, соопштија од СДСМ.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, нагласи дека Македонија останува цврсто определена за ЕУ-интеграции. Тој ја обвини актуелната власт дека го кочи европскиот пат.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски: „Додворувања и вжештена атмосфера“
Честитката од СДСМ предизвика остри реакции од ВМРО-ДПМНЕ, кои обвинија дека Филипче се обидува да му се додвори на Радев.
„Во време кога Бугарија ја блокира Македонија, Филипче застанува на спротивната страна и го напаѓа сопствениот премиер“, реагираа од партијата. Оттаму оценуваат дека ставовите на Радев се веќе познати и дека нема да има промена во бугарските позиции.

„Радев не е нов политичар, само е нов премиер на Бугарија, но сите добро ги знаеме неговите ставови поврзани со Македонија и македонскиот народ, јазик, идентитет, историја. Радев има кажано дека сонародниците на Гоце Делчев се Бугари, што значи дека ни тој како премиер нема да се откаже од бугарските барања и од вета поврзани со националниот идентитет“, велат од партијата.
И премиерот Христијан Мицкоски не очекува подобрување на односите со Бугарија. „Напротив, очекувам атмосферата да се вжешти. Постојат структури што се подготвени на отстапки на штета на националните интереси“, изјави деновиве Мицкоски.
Тој истакна дека Владата е подготвена за дијалог, но без отстапување од „црвените линии“ поврзани со идентитетот.

Сиљановска-Давкова: Дијалог и ново решение
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова деновиве повика на конструктивен пристап и дијалог со новата влада на Бугарија. Таа изјави дека стабилноста во Софија може да отвори можност за решавање на спорот и напредок кон ЕУ.
„Очекувам конструктивен и пријателски однос, но исходот ќе зависи од двете страни“, рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на нејзините очекувања за односите со новата влада на Бугарија, претседателката денеска рече дека очекувањата треба да се упатат до новата бугарска влада и премиерот Румен Радев посочувајќи дека бугарскиот народ очекува стабилност, реформи и борба против корупцијата и криминалот.
„Јас секогаш разговарам во духот на bona fide (добра волја), но дали ќе има подобрување на односите, ќе зависи од соговорниците“, рече претседателката, осврнувајќи се и на средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која, како што оцени, била пријателска, инспиративна и ветувачка кога е надвор од секојдневниот политички контекст.





