Големиот пожар што избувна вчера, доцна попладне во кругот на поранешната фабрика „Декортекс“ во Радовиш е изгаснат по повеќечасовна интервенција на пожарникарите. Огнот зафатил магацински простор и дел од објектите во кои имало машини и запаллив материјал, а материјалната штета дополнително ќе се утврдува. Во гаснењето учествувале екипи на Територијалната противпожарна единица Радовиш, кои неколку часа работеле на локализирање и целосно ставање под контрола на огнот, а на помош пристигнале и екипи од околните градови. Дел од пожарникарите вдишале чад и се здобиле со полесни изгореници, но сите кои интервенирале се во добра состојба.
ТППЕ РАДОВИШ: Пожарот беше во разгорена фаза поради брзо запалливите материјали кои што беа во него. За неполни три минути од пријавата за пожар нашата екипа излезе на терен. Веднаш беа мобилизирани сите пожарникари, а на помош пристигнаа и екипи од Т.П.П.Е Струмица и Д.П.Д.Мантово. Сите пожарникари пожртвувано влегоа во просториите кои што беа во пламен, ризикувајќи ги беспоштедно своите животи.
Причините за избувнувањето на пожарот засега не се утврдени. По завршувањето на увидот треба да биде познато како започнал огнот и колкава е вкупната штета во објектот, но за среќа повредени лица нема, потврдија од МВР.
МВР: На 24.05.2026 во 20:08 часот во Полициската станица Радовиш е пријавено дека настанал пожар во една од халите на фабрика за текстил во Радовиш, во која биле сместени машини и репроматеријали. По интервенција на Територијалните противпожарни единици од Радовиш и Струмица пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и инспектор за пожари. Извршен е увид од екипа на ОВР Радовиш.
Инаку, ова е втор голем пожар во Радовиш за релативно краток период, откако пред една недела гореше и градската депонија, а изминатиот вторник целиот град беше прекриен со густ чад, по што локалните власти информираа дека ќе бидат превземени сите мерки за да се реши проблемот со чадот и целосна санација на градската депонија.





