Еден ден откако малиот град Левистон во американската држава Мејн го претрпе најтешкото масовно пукање во САД од почетокот на годината, градот стана град на духови. Градот е во втор ден на блокада по масовното пукање во куглана и ресторан, каде што поранешниот војник Роберт Кард уби 18 и рани 13 лица. После тој хаос и насилство, на улиците е морничава тишина.
Како што пишува Скај њуз, полицијата ја опколила кугланата во која загинаа седум лица, а на паркингот на ресторанот каде што се случи трагедијата, жолта лента го означува местото на злосторството – каде загинаа осум лица.
Некои од жртвите биле членови на локалната заедница на глуви кои се собрале на спортски турнир во барот.
Градските челници свикаа прес-конференција, на која демократскиот конгресмен Џаред Голден рече дека јуришните пушки како онаа што ја користел Кард треба да бидат забранети.
Познато е дека Кард имал проблеми со менталното здравје и летово поминал две недели во психијатриска болница.
Училиштата во Левистон и околните окрузи беа затворени вчера, а бидејќи потрагата по осомничениот продолжува, многу училишта и денеска ќе бидат затворени.
Date: