На 5 септември 2023 година во Торонто почина Владо (Валтер) Стериовски, чиј семејни корени се во селото Наколец, на Преспанското Езеро. Тој беше еден ид првите во тимот за формирање на Македонската организација „Обединети Македонци“ во Торонто и повеќе пати беше во Управата и на значајни раководни места. Исто така, тој беше активен и член на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски во Торонто и бил во нејзината Управа.


Владе или како што беше познат и како Валтер Стериовски бепе роден на 17 Февруари 1936 година во селото Наколец кое е дел од преспанската и од македонската вистина. Тоа се наоѓа во Преспа, на брегот на Преспанското Езеро и во пазувите на Баба Планина, на македонска земја, а само неколку километри северно од границата меѓу Република Македонија и Република Грција. Тоа е типично македонско, преспанско, повеќенационално и печалбарско место. Наколец, се граничи на ксток со Љубојно и на југ со Долно Дупени, на надморска височина како и Езерото, од околу 850 метри. Тоа е типично езерско, преспанско село.

Името го добило по тоа што во минатото, кога нивото на водата на Преспанското Езерото рапидно се зголемило, селото било изградено на колци. Иако жителите немале можност да ја видат населбата на колци над вода, се сеќаваат дека до пред триесеттина години езерската македонската православна црква „Св. Никола“ се наоѓала во вода. Од ѕидот на црквата се скокало во вода.

Затоа остана раскажувањето дека Наколец во минатото било македонска Венеција. Подолг период плажите вдолж брегот на Преспанското Езеро кај Наколец биле едни од најпесокливите и најатрактивните и собиралиште на бројни капачи од Преспа и пошироко Ова го кажува легендата, а денес селото е оддалечено од езерото, каде пораснала корија од дрва и трски. Инаку, во селото живеат Македонци, Албанци и Роми. Жителите во ова населено место отсекогаш биле пример за добар соживот, бидејќи тие заедно оделе и на свадба и на погреб, и на риби и на ниви и заедно делат и добро и зло.
    
Селската камбанарија, џамијата и текето во Наколец

Во Наколец постојат три значајни локалитети: Леска, Метилаец и Лапата. Во него постојат три македонски православни цркви и тоа: „Свети Никола“, лоцирана во центарот на селото каде се и селските гробишта, која е изградена во 1884 година, потоа црквата „Свети Атанас“, подигната меѓу двете светски војни и уште езерската црква „Свети Никола“, подигната на самиот брег на Преспанското Езерото, изградена во 1921 година на стари темели.
Во Наколец постои Џамија, која, веројатно, била изградена во XIX век, реновирана е во 1995 година, а во неа постојат гробишта со арапско писмо. Таа им служи на муслиманите во селото. Исто така, во Наколец има и Теќе кое е реновирано во 2003 година, лоцирано на самиот влез во селото. И покрај тоа што верниците од муслиманска вероисповед во селото одат во џамијата, изградбата на Теќето укажува на постоење на муслиманска дервишка секта – бектеши во овој дел на Преспа.
Затоа со право се вели дека ова село во Долна Преспа, на брегот на Преспанското Езеро е расадник на голем број интелектуалци, село на рибите, јаболката и заедничкото живеење на Македонците, македонските Албанците и Ромите.

Црквата „Свети Никола“ на брегот на Преспанското Езеро

Инаку, Владо Стериовски, како ученик во Љубојно, на седумнаесет годиним со чамец (чунка) пребега преку Преспанското Езеро во Грција. Беше одведен во Логорот „Лаврион’, каде остана скоро четири години за потоа да биде испратен во Канада. Во логорот, а и во Пиреја го научул добро грчкиот јазик и како македонски иселеник се расправаше и им ја кажуваше македонската вистина како „Грг“ на голем број грлки емигранти.
Инаку упте со доаѓањето во Торонто, македонскиот дух продолжил да тлее кај Владо и веднаш се вклучи во организацијата „Обединети Македонци“. Инаку, Македонската националната организација “Обединети Македонци” од Торонто, Канада беше формирана од група Македонци, претежно од егејскиот дел на Македонија. Уште во почетокот Организацијата имаше за цел да формира самостојна национална македонска асоцијација која ќе се бори за зачувување на македонскиот национален идентитет и обединување на  македонските доселеници во Канада.

Така, првиот чекор во организирањето беше направен на пикникот посветен на Илинден во 1958 година. Овој пикник во националниот  живот на Македонците во Торонто и пошироко има посебно значење. Тој претставува прв значаен симбол на иселеничкото единство на Македонците од етничка Макеонија во демократска Канада. Меѓутоа, 28 април 1959 година е запишан со златни букви, бидејќи на тој ден се одржа историската Конференција на која беше прифатен Уставот и беше донесено решение за формирање и регистрирање на Македонската национална организација “Обединети Македонци”.

Со тоа Организацијата “Обединети Македонци” започна со решавање на значајни иселенички прашања на Македонците во Канада. Едни од важните задачи и потреби на македонските доселеници од етничка Македонија беше изградба на македонска православна црква „Св Климент Охридски“ под јуриздикција на Светата православна црква во Македонија, а со цел да ги задоволи верските, духовните, културните и воопшто националните потреби на Македонци од сите делови на Македонија. Затоа, Организацијата “Обединети Македонци” беше регистрирана како македонска национална културно-просветна непрофитна организација. Тоа овозможи таа да успее да ги обедини Македонците на национално и духовно поле и да развие силна дејност во животот на доселениците од сите делови на Македонија во демократска,Канада, како и да ги отстрани влијанијата на туѓите пропаганди.

Еден од тие активисти и подржуваќи на македонска вистина беше Владо (Валтер) Стериовски, кој   почина на 5 септември 2023 година во Торонто, каде ќе му се наожа неговиот вечен дом. Нека му е лесна земјата.

БОГ ДА ГО ПРОСТИ

Пишува: СЛАВЕ КАТИН