Јужнокорејскиот актер Ли Сун-кјун (48), најпознат по улогата во оскаровецот „Паразит“, е пронајден мртов, потврдија властите. Актерот беше пронајден онесвестен во автомобил во еден од главните паркови во Сеул. Не е јасно дали Ли си го одзел животот, но полицијата соопшти дека добила пријава оти излегол од дома откако оставил пишана порака. Тој од октомври беше под истрага за наводна употреба на дрога.

Во „Паразит“, Ли го играше патријархот на богатото семејство Парк, а делото кое е немилосрдна социјална сатира освои четири Оскари, меѓу кои и за најдобар филм. Новинската агенција Јонхап објави дека тој бил осомничен оти земал дрога, како марихуана и кетамин, со хостеса во бар во Сеул. Тој рече дека иако го земал тоа што таа му го дала, не знаел дека тоа се недозволени дроги. Хостесата, наводно, ѝ кажала на полицијата дека користел дрога во нејзиниот дом повеќе пати, но тој го негираше. Тој претходно преку својот адвокат побарал да направи тест за детектор на лаги. Неговите тестови за дрога дале негативни или неубедливи резултати.

Полицијата соопшти дека жали што Ли починал во екот на истрагите, но дека истрагата била „спроведена со [неговата] согласност“. Ли бил подложен на три рунди испрашување, при што една сесија минатата сабота траела 19 часа, според Јонхап. Веста за неговата смрт предизвика бурни реакции на Интернет.

Актерот, кој беше оженет со актерката Јеон Хие-џин и имаше два мали сина со неа, имаше кариера долга повеќе од две децении.

Прекршоците за дрога, меѓу кои и употреба на марихуана, се сметаат за сериозно кривично дело во Јужна Кореја. За користење марихуана следи затворска казни до пет години. Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол вети борба против дрогата. Оваа година, властите во земјата го проширија одделот за криминал против дрога, а началникот на националната полиција вети „тотална војна“ против криминалот со дрога. Ли не е единствената јужнокорејска славна личност која неодамна беше под истрага за употреба на дрога. На почетокот на овој месец, К-поп ѕвездата Џи-Драгон беше ослободена од наводите за дрога по неколкунеделни истраги. На актерот Јо Ах-ин моментално му се суди за употреба на дрога.