ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
За да ги смири вечно бунтовните Јужни Словени, кои тежнееле кон своја независност и државно уредување и за да ги придобијат како политички и стопански сојузници другите пагански Словени, ИРЦ (Источното Ромско Царство) пристапило кон нивна христијанизација. Во реализација на оваа цел, како најголем проблем искрснал јазикот на кој би се спровела христијанизацијата, со обзир на тоа што службени јазици на црквата биле Александровиот „коини“ („Грчки“- старомакедонски) и латинскиот, а паганите зборувале со поинаков јазик. Меѓутоа, поволна околност била што Словените имале еден заеднички јазик, т.н. старословенски јазик, кој се зборувал од Егеј до Балтик, од Јадран до Урал, т.е. во сиот словенски свет, од повеќе од милион жители, или ⅓ од жителите на Европа.
За да се реши таа голема задача, било потребно да се обезбедат високо образовани црковни стручњаци кои одлично ги владеат споменатите јазици. Исто така, неопходно било да се создаде ново писмо кое би било погодно за словенскиот јазик наместо постојните феникиското и латинското, за да се изврши превод на црковната литература. Oваа епохална мисија која имала религиски, политички, стручен и културен аспект, била доверена и успешно реализирана од страна на македонските апостоли, проповедачи и просветители, браќата од Солун Кирил и Методиј и нивните ученици.
Секако дека заслугите му припаѓаат и на Цариградскиот патријарх Фотије (858-867 и 877-886), една од најголемите личности на Византија. Исто така, големи заслуги има и регентот Верда, вујко на малолетниот цар Михајло III (842-867), кој бил основач на Високата царска школа на Магиаварскиот двор во Цариград, која била седиште на науката и просветата во ИРЦ. Во школата се негувале сите гранки на тогашните науки со најпознати учители, како што биле Лав Математичар архиепископ од Солун и патријархот Фотије. Покрај тоа, школата била и во функција на ИРЦ во разрешувањето на сложените државни, научни, стручни, културни, дипломатски и други проблеми. Во сиот тој комплекс, не помала улога одиграл Канцеларот Теоктист, дворски советник и даровит државник, голем семеен пријател на Солунските браќа.
За изучување на животот, улогата и делата на македонските апостоли во христијанизацијата и просветувањето на Словените, постои многубројна, живописна, стара литература и современо научно истражување. Како главни извори служат „Старословенско житие за светиот Константин-Кирил“, чиј најверојатен автор е неговиот учител Климент Охридски. Тоа е напишано меѓу 869-885. Потоа, „Старословенско житие за Св. Методиј“, т.н. Панонски житија, чиј веројатен автор е неговиот ученик светиот Константин Преславски, во околу 885 година. Следно е „Охридското житие“, биографија за св.Климент Охридски на „грчки“ (старомакедонски) јазик од охридскиот архиепископ Теофилакт, од 1080 година Исто така „Италијанското житие“ на латински, од бискупот Леон, од 1115 година, итн. Потоа следат и посовремени трудови на Дворник (1949), Острогорски (1969), Апостолски и ср. (1969), Лацко (1985), Стојановски и ср. (1988), Димевски (1989) и цела плејада грчки, српски, бугарски и руски автори.
Местото на раѓање на св. Браќа е Тесалоника (Солун), град на античкиот македонски цар Касандер, зет на Александар Велики. Неговите родители, таткото Лав и мајката Марија, биле од македонско потекло и го зборувале Александровиот јазик. Во житието се вели дека Лав бил благороден и богат, правоверен и со висок ранг во византиската управа (заменик на стратегот на темата Солун и командант нa воената морнарица). Семејството на Лав Солунски, од татко Адам кој бил голем и славен, близок до царот, имал седум деца. Методиј бил роден во 815 година, додека најмалиот Константин-Кирил во 827 година. Покрај својот јазик, целото семејство зборувало и словенски јазик, зашто населението на Солунската тема исклучиво било словенско.
Методиј студирал право во Солун, а по дипломирањето од страна на царот бил назначен за управникар-хонт на Струмичкото кнежевство-жупа, каде уште подобро го совладал словенскиот јазик и нивните обичаи. По десет години служба, се повлекол и им се посветил на бога и на книгите во еден манастир на планината Олимп во Витинија во Мала Азија.
Константин-Кирил, по школувањето во Солун во 15-тата година како многу талентиран ученик, бил повикан од канцеларот на дворот Теоктист, семеен пријател, да ја посетува царската школа во Цариград. Во текот на шестгодишното високо, светско образование, студирал граматика, математика, астрономија, музика, Хомер, дијалектика, филозофија, теологија и други науки и со успех ги завршил студиите. Заради посебната наклоност кон филозофијата, ја добил придавката Константин-филозоф. Во 849 година бил поставен за секретар на Патријархот, а потоа бил избран за ѓакон во Патријаршијата и му се посветил на духовниот живот. Хабилитирал на тема „Почитување на светите слики“, а опонент бил патријархот Иван VII (834-843). По брилјантната одбрана бил избран за професор на катедрата за филозофија во Високата школа, во својата 24-та година. Таму предавал филозофија на домашни и странски студенти. Кога шефот на катедрата по филозофија Фотије станал цариградски патријарх, во 858 година, катедрата ја презел Константин-Филозоф. Од житието за св. Кирил се гледа дека тој во меѓувреме, во 850 година, бил член на една многу важна царска мисија кај Арапите, во Багдат.
По превратот во Цариград, убиството на Теоктист и доаѓањето на Михајло III, двајцата браќа паднале во немилост зашто не го прифатиле превратот. Се откажале од високите функции и се повлекле во манастир во азискиот Олимп, каде имало околу 80 манастири и „се молеле на Бога, дружејќи се со книгите“. По доаѓањето на Фотије на чело на Цариградската патријаршија (858-867), работите се измениле. Константин-Филозоф, кој во меѓувреме станал свештеник во Цариград, бил одреден да биде водач на официјалната државна мисија на Хазарите (860-861), додека Методиј, тогаш бил игумен во манастирот Полихрон, бил член на таа мисија.
Хазарите, турскотатарски народ, во IX век имале голема држава. Таа се простирала меѓу Каспиското и Азовското Море, Волга, Дњепар и Кавказ. Во VIII век (730 година) тие ја примиле еврејската вера. Кога тоа го дознале соседните Арапи и Византијците, поттикнати од своите политички и други интересирања, сакале да ја наметнат својата исламска, односно христијанска вера. За да го разреши незадоволството на соседите Ханот на Хазарите ги повикал првенците на овие религии, на неговиот двор во Семендер, на Каспиското Море, да ги бранат своите вери.
Мисионерите на ИРЦ на пат тргнала во 860 година, преку Црното Море до градот Херсон, каде заради невремето го прекинала понатамошното патување. Додека се чекало да помине зимата, Константин-Филозофot ги учел еврејскиот и армејскиот јазик. Покрај тоа, за тоа време ги пронашол моштите на св. Климент, кој бил трет по ред римски папа, (88-100), интерниран од царот Трајан (98-117). Следната 861 година, мисијата успешно завршила и во таа прилика Константин-Филозоф покрстил 200 Хазари. На враќање, со себе ги понел моштите на св. Климент. Неговиот извештај во Цариград многу поволно бил примен. Царот Михајло III, задоволен од исходот на мисијата, повторно го поставил Константин-Филозоф за професор на Школата. Извештајот за Хазарите на јазикот на Александар, „коине“, бил преведен од св. Методиј на старословенски, а од авторот на „Италјанското житие“ на латински.
Во текот на 862 година, ИРЦ примило меѓународно пратеништво од големоморавскиот кнез Рoстислав (846-870). Покрај многуте желби, било и барањето, со цел духовно осамостојување, да им се упати бискуп и учител кој го познава јазикот на Словените, за да биде воспоставена словенска црква и богослужба на нивниот јазик.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН