Со сослушување на поранешни и актуелни директори на агенцијата за лекови Малмед продолжи Анкетната комисија за сканалот „Онкологија“.
Пратениците од Малмед не добија ниту целосна документација, ниту пак конкретни одговори на поголем дел од прашањата поврзани со лековите за онкологија.
Актуелните раководители Љирим Шабани и Роберт Бекироски од пратениците побараа прашањата да им ги пратат на писмено, за да достават одговори бидејќи обемна била документацијата.
Дали МАЛМЕД во 2018 година, ѝ ја одзела дозволата за увоз на биолошка терапија на веледрогерија, за друга веледрогерија да го добие тендерот со двојно повисока цена, праша денеска во собранието пратеникот Тони Јаревски, но одговор од заменик директорот на МАЛМЕД, Роберт Бекироски немаше.
Пратеникот Антонио Милошоски го праша Бекироски какви се деловните односи меѓу МАЛМЕД и веледрогеријата „Пановски“ и дали имале некаква контрола и инспекција во просториите на оваа веледрогерија. Бекироски не сакаше да коментира за поединечни веледрогерии и рече дека сите 487 се исти за МАЛМЕД.
-Одговорот покажува дека оваа веледрогерија не треба ни да се спомене, бидејќи е најсилната и ги добива најголемите тендери и има повластена позиција кај сите директори од СДСМ и ДУИ на Клиниката за онкологија. Затоа може директорот да си дозволи лекот „Нексавар“ кој чини 3.500 евра за една кутија, во 2018 година да му биде даден на користење во дневната болница на Онкологија на пациент, без „Пановски“ да добие одобрение од МАЛМЕД. Ова го докажува пресудата на Апелација со која паричната казна која првично ѝ била дадена на оваа веледрогерија, е ублажена во опомена. Затоа сакам да напоменам, дека не случајно во МАЛМЕД се ставаат проверени партиски кадри. Заменик директорот го знаеме од други активности и по акцијата „Рамо до рамо“, партиска акција на СДСМ каде потрошил повеќе време отколку во МАЛМЕД. Затоа никој не смее да ја спомене веледрогеријата „Пановски“ рече Милошески додавајќи дека се случувал морбиден профит.
Заменик директорот Бекироски рече дека се направени 1.500 надзори од 2018 година од страна на МАЛМЕД и кога ќе се најде неправилност се реагира. Имало и барање да се испита контрола на квалитет на Онкологија и лековите биле согласно стандардите. Надлежностите на МАЛМЕД се во регистрација на лекови, увоз, контрола на квалитет и инспекции во аптеките и веледрогериите. Пратениците од МАЛМЕД барале, да им достават информација кои лекови и во колкави количества од биолошката терапија влегле на Онкологија и кои веледрогерии ги доставиле, но оттаму кажаа дека немаат надлежност за Клиниката за онкологија освен ако некој не достави претставка, а самата фирма увозник нема обврска да му кажува на МАЛМЕД кој е крајниот корисник на лековите.
Поранешни и актуелни директори на Малмед пред Анкетната комисија за скандалот „Онкологија“
Date: