Силни дождови ги погодија Обединетите Арапски Емирати, поплавувајќи автопатишта и нарушувајќи ја работата на меѓународниот аеродром во Дубаи. Владата кажа дека ова се најобилните дождови во последните 75 години.

Најмалку едно лице загина откако надојдените води го однеле неговото возило во Рас Ал-Хаима, еден од седумте емирати во земјата.

Дождовите почнале во понеделникот вечер и до следната вечер наврнале повеќе од 142 милиметри во пустинскиот град Дубаи, што е просечно количество за една и пол година. На тамошниот аеродром, кој е најпрометен на светот, се измерени 95 милиметри дожд. Во Дубаи се поплавени куќи и трговски центри, а вода до глуждови имаше во метрото.

Државната новинска агенција „ВАМ“ објави дека ова беше историски временски настан и нешто што не е забележано од почетокот на мерењата во 1949 година.

Дождот е невообичаена појава во ОАЕ и на Арапскиот Полуостров, но се случува периодично за време на постудените зимски месеци.