Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, информираше дека во Собранието е усвоен првиот закон предложен од неговата партија, со кој се укинува дискреционото право на директорите на јавните здравствени установи при вработување.
Според Апасиев, со новото законско решение директорите повеќе нема да имаат можност самостојно да одлучуваат кого ќе вработат, туку ќе бидат обврзани да ги примаат најдобрите лекари кои конкурирале на огласите.
„Во иднина, директорите ќе мора да ги вработуваат најдобрите лекари на конкурсите. Нема веќе молење по штабови“, порача Апасиев во објава на социјалните мрежи.
Тој оцени дека станува збор за значајна промена во системот на вработување во јавното здравство, која, како што наведе, може да придонесе за задржување на квалитетниот медицински кадар во земјава.
Апасиев посочи дека со вакви мерки може да се намали одливот на лекари во странство, бидејќи голем број медицинари заминуваат во потрага по подобри услови за работа надвор од Македонија.
Законот, како што истакнуваат од Левица, има цел да воведе поголема транспарентност и мерит-систем во вработувањата во јавните здравствени установи.




