СТО ГОДИНИ ИЛИНДЕН
Сто години Илинден
народот македонски слави,
гордо развеал знаме црвено
над своите глави.
1903 на Мечкин Камен
многу јунаци паднаа мртви,
но дојде часот светол
– се слават нашите жртви.
Тие им покажаа на сите,
иако на број слаби,
земја како се брани,
слобода како се гради.
Имињата нивни свети
и тие на душманите клети,
секогаш ќе се знаат.
Стив Пљакас (Канада)
КУД „ИЛИНДЕН”
Почујте не’ сите наши Македонци,
во шеесет и шеста КУД – друштво се роди –
од „ИЛИНДЕН” славен име му се стави
и си тргна смело напред да си оди.
Тоа друштво сега – ние сме сите,
печалбарски деца – здружени ко еден –
петнаесет лета со песни и ора
си градиме живот радосен и вреден.
Роденденот денес го славиме ние,
со успеси видни од еланот траен –
и желба е наша „ИЛИНДЕН” да расте,
да ни биде вечен – прочуен и славен.
Јован А. Кокаловски (Австралија)
ИЛИНДЕН – 2 АВГУСТ 1903
Се чинеше дека тиранијата
беше вмешана со истиот ветер
по петстотини години,
и изгледаше дека дечињата
ја цицаа од боските на младите мајки.
Во неприродната поворка
од монотоно ропство
надгробните крстови
беа се’ што надежта можеше да ни даде.
Но волјата на младите
со решителна енергија
изгради соништа од утопии
од слобода отаде безнадежноста
зашто тие ја знаеја слободата
отаде јаремот ставен само од луѓе
и дека светот не беше врзан
со непроменлива хиерархија.
Смешана со горчина и крвни паметења
слободата разурнувачки
го прекрши парализираниот ветер.
Над вековното сонце
бели мугри изгреаја
огнот се чистеше и ги сечеше
дебелите шуми на темницата
стегата на ропството падна
на таа очајна секунда светлина,
потем монотоните жални пискоти
ужасни во своите непрекинати болки
продолжија и ние дознавме
дека славата беше наша
иако победата се изгуби.
Џим Томев (Австралијa)
ИЛИНДЕНСКА
Каде е Делчев војвода.
Во крв и пламен
на Илинден 1903
Македонија се вивна
за ропски пранги да скрши
од вековното ропство.
Гоце Делчев, Груев Даме
развеја револуционерно знаме.
Дојде денот македонски,
ден светол и светлозрачен.
Сонцето крваво запре
над македонската земја.
„Слобода или смрт!”
беше илинденската клетва.
Васил Пецуровски (Германија)
ИЛИНДЕНСКА КРШТЕВКА
Утре е Илинден!
Утре ќе св заруменее небото
од замавот на црвените знамиња.
Утре ќе наздравуваме со полни чаши
пред олтарот на нашата намачена земја.
Утре со стиснати тупаници ќе и’ покажеме
на вистината дека бевме, дека сме
и дека ќе бидеме!
Утре – повторно в зори нека не фрснат
звуците на крушевските камбани.
Утре е голем ден, светол ден!
Утре – по кој знае којлат
ќе ги крштеваме македонските деца:
Гоце, Даме, Никола, Сирма, Јане, Питу…
Утре ќе ги стркаламе мислите
кон јуначкиот чекор од минатото.
Утре ќе бидеме горди зашто ќе и’ залечиме
уште една крвава рана
на македонската историја.
Утре е голем ден, светол ден!
Утре е Илинден!
Иван Трповски (Австралија)
ИЛИНДЕН 1903
Пет векови цели робуваме ние
македонскиот народ по зандани гние.
До кога мили браќа ќе трпиме стига
верна дружина на востание се дига.
Делчев војвода народ припрема
во туѓа помош надеж тие нема.
На нога се крева народ херој
турско ропство не трпе тие.
Пушки пукаат земја горе
Империја се тресе народ се бори.
Во горниот Пирин Зандански царува
во бурниот Егеј Делчев бунтува.
Шуми Вардар и хајдучки песни пее
на Шар Планина комитско знаме се вее.
Бомби тештат обруч се стега
турскиот аскер во паника бега.
Питу и Ѓорче се борат смело
и Груев је жив во свештеното дело.
Атентатори од Велес во Солун пристигаа
Отоманската банка, во воздух ја дигаат.
Нека чуе Европа и западот цел
слобода бара Македонецот смел.
Во Крушево Карев Република стори
Европа се мисли и планови крои.
Султанот беснее и лири дава
Гоце го бара и неговата глава.
Но Долчев војвода клетва си дава
во турски раце жив се не дава.
Со вера во гради за светла иднина
од куршум пронижен Гоце паѓа.
Со ура во уста смрт или слобода
за Македонија жртвува Делчев војвода.
Македонија ќе жали за синот херој
а Делчев е жив меѓу народот свој.
Стефан Л. Букчев (Канада)
ИЛИНДЕН
Во нашите очи твојата виделина и твојот мрак течат
Како река, како виножито што болно гали.
Илинден, легендата ни ја краде онаа твоја вечер,
Духот што им го крепи на сите мали.
Илинден, една топла ѕвезда што уште долго ќе гори.
Над Крушево, во раскошот на едни вечни бои
Илинден, твојата утеха како единствен пријател збори
Со едно пламнато знаме во вените мои.
Бошко Рајчовски – Пелистерски (САД)
Крај
Пишува: СЛАВЕ КАТИН
ПОЕЗИЈА НА МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЦИ ПОСВЕТЕНА НА ИЛИНДЕН, А ОБЈАВЕНА ВО ДЕЛОТО „ИЛИНДЕН 1903-2003 И МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО“ (41)
