ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Долгогодишните непријателства и војни меѓу македонската и римската војска со Филип V (215-205 и 200-197 п.н.е.) и Персеј (171-167 п.н.е.), завршени се во рамниците на Пинд, источно од Олимп и денешна Катерина, со потполна победа на Римјаните, на чело со Емилио Паул. Со тоа престанала независноста на Макеоднија, земја на Филип II и Александар Македонски, господари на светот. Згаснала Македонската монархија која траела илјадници години, но не и нејзината цивилизација.
Победата на Латините била потполна. Во биографијата за Емилио Паул, Плутарх (I, 32-34) изнесува дека триумфот на Рим траел три дена. „Првиот ден, кој одвај бил доволен, прикажани се запленетите кипови, слики и џиновски фигури кои ги возеле 250 коли. Утредента, најубавото и најраскошното македонско оружје, во поворка го носеле бројни коли, а потоа следеле 3 000 луѓе, кои ги носеле сребрените пари во 750 садови, од кои секој содржел три таленти (околу 12 500 000 златни франци).
Други пак носеле садови од сребро, рогови за пијалак, пехари и високи чаши со извонредни украси. Третиот ден во поворката биле 120 жртвувани волови со позлатени рогови, потоа следеле носачи на 77 садови полни со златни и сребрени пари од по три таленти (преку 1 300 000 златни франци), златните садови на Персеј и неговата борна кола, неговите деца со дадилките, кралот Персеј облечен во темна жалбена носија, со високи македонски чизми, група негови пријатели и верници, потоа имало 400 златни венци, кои градовите му ги пратиле на Емилио како почесен подарок, а потоа самиот Емилио, славеник на триумфот, облечен во златен ткаен фустан и целата негова војска со гранчиња ловор, пеејќи победнички песни“.
За понатамошните активности на окупаторите се истакнува дека „Емилио ја ограбил Македонија и во јавните благајни внел толку пари што народот веќе не морал да плаќа посебни порези во воени цели (трибутум), сè до времето на конзулите Хирциа и Понсе“ (43 п.н.е.) т.е. 124 години (Плутарх, I, 38).
Римјаните, од реката Нест до планината Пинд и од Тесалија до Дарданија македонската област ја поделиле на четири унитарни области-републики или мериди, по нивен принцип „подели и владеј“, за што повеќе да го ослабат и разбијат политичкото и економското единство на земјата. Според Уставот од 167 п.н.е., во име на Сенатот и римскиот народ, Емилио Паул ѝ подарил на Македонија „слобода“. Создадени се самоуправни градски општини (civitates) и е дадено муниципално (самостојни градски одбори) уредување и организација на власта. Главни градови во наведените области-републики биле: Амфипол за I, Тесалоника за II, Пела за III и Пелагонија за IV.
На чело на секоја република се наоѓало репрезентативно тело–sinedrion, составено од претставници на градовите (civitates), т.е. сенатори. Во областите кои граничеле со странски и непријателски земји, им било дозволено на Македонците да држат воени посади (Ливие, XLV, 29 и 32). Северниот дел на Македонија, Пеонија, истотака била распарчена. Нејзините делови се доделени на I. II. и III. република. Со тоа Римјаните и оваа најголема и најмоќна етничко-политичка групација на Македонија ја расцепкале и ја уништиле традицијата на политичка самостојност. Оттогаш Пеонија исчезнува како етногеографски поим и Пеонците дефинитивно се претопиле во Македонци (Papazoglu, 1957, стр.63).
Големото незадоволство во разбиената и ограбена земја, донело неуспешни востанија на населението, 148 и 142 п.н.е., кога после тоа Македонија станала прва римска провинција на Балканот. На чело бил римски намесник (регент), додека уредувањето останало исто. Подоцна се преминало на отворена политичка анексија со постојан римски намесник, со посебно администрација и со постојана римска војска.
На провинцијата Македонија ѝ припаѓале Тесалија, Епир и делови од Илирија сè до Дунав. Составот на провинцијата неколкупати се менувал во подоцнешното римско владеење. Во IV век н.е. во административно-управната поделба, постои Македонија во потесна смисла или Macedonia Prima и Macedonia Salutaris. Во V и VI век се јавува Macedonia Prima, со главен град Тесалоника и Macedonia Secunda, со главен град Стоби.
Во Елада Римјаните дошле како борци за ослободување на нивните градови од македонската монархија и нивно обединување. Во 196 п.н.е. на Коринтскиот собор, Tit Guintua Flamingus, им прокламирал слобода на Елините
Македонските сојузници-епирските градови, биле уништени и 150 000 луѓе од нивното население биле продадени во ропство. Ахејскиот сојуз во борбите на Истма (146 п.н.е.) бил победен. Коринт бил срушен, а неговите жители истотака биле продадени во ропство. Елада тогаш му била приклучена на Рим. Само Спарта и Атина се прогласени за самостојни градови (Мушкин 1962, стр. 142 и 148).
Македонија, пак, и покрај новото републиканско уредување, губењето на својата државност, политичкиот камшик и поделба, имала и понатаму континуитет во својата историја. Според истражувањата на многу археолози, епиграфиолози, лингвисти и историчари, македонскиот народ не исчезнал и немало геноцид над него. Македонците продолжиле да живеат во нови услови во рамките на римската држава, задржувајќи ги своите етнички идентитет, свест, јазик, верата и обичаите. Според Ливиј (59 п.н.е.-17 н.е.) и покрај унификацијата и воведувањето на административна, политичка и воена римска управа, по одлука на Сенатот, 167 п.н.е., Македонците како и Илирите биле слободни.
Македонците ги задржале своите градови и територии, своите закони и годишен избор на своите самоуправи-магистрати, а плаќале 50% помалку порез (tributum) отколку на своите кралеви (Ливие, XLV, 18, 29). Покрај тоа, по II војна со Филип V Римјаните областа Орестида со соседните племиња прогласиле „Слободна Маедонија“. Нејзин главен град бил Келетрон, денешен Костур (Kastoria), (Eter. Ist. Ekv., 1976, стр. 194).
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН