ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ (МАКЕДОНСКИ)“ ОД УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН– I ДЕЛ
Бидејќи беше обновен мирот во Античка Грција, по враќањето во Античка Македонија (октомври 335 година), Александар Македонски конечно можеше да се посвети на подготовките за азискиот поход. Но, тоа беше само принуден мир што преовлада во Елада. По здобиеното искуство од последните две години, никој не го увиде тоа толку јасно како Александар, па затоа донесе одлуки кои се однесуваа на подготовките на плановите за војување.
Бидејќи Александар Македонски немаше доверба кај голем дел од античките Грци, го остави верниот Антипатер во Античка Македонија со половина од неговите македонски регрути, 12.000 фалангисти и 1.500 коњаници.
Антипатер беше одговрен да внимава и на Лигата како претставник на хегемонот, веројатно со титула на стратег. Истото сомнение беше причина Александар да ги ограничи контингентите од Лигата на не повеќе отколку што беа потребни за панелинистичката експедиција.
Освен флотата од 160 триреми што беше наречена античка грчка флота, се спомнуваат уште 7.000 пешаци и 600 коњаници, како и 1.500 тесалиски коњи, кои подоцна веројатно беа приклучени кон кралската војска и ја добија неговата посебна доверба, а одиграа важна улога во големите битки во Азија.
Без коњаниците залудно е да се постават 7.000 пешаци во борбен фронт. Се добива впечаток дека, независно од Тесалијците, Александар Македонски ги зеде античките грчки контигенти повеќе како гаранција за да има мир во Елада.
Античката грчка флота во почетокот претпазливо беше држена надвор од дејствата. Тоа беше неизбежно поради големата супериорност, како според бројност така и според квалитетот на персиската флота од 400 воени бродови, со своите одлични феникиски и кинриотски воени бродови.
Военоморнаричката супериорност на непријателот имаше значајно влијание врз плановите на Александар Македонски за војување. Бидејќи персиската морнарица го контролираше морето, најголемата опасност доаѓаше од можноста Големиот крал да ја префрли војната на почвата на Античка Грција и со своето огромно богатство да ги присили античките Грците да војуваат против Александар.
Како решение морето не доаѓаше предвид поради недоволната сила и недоверливата природа на античката грчка флота, па затоа Александар Македонски направи вешт план за парализирање на поморското предимство на противникот, со тоа што со копнената војска прво го освои медитеранскиот брег на Персиската империја, со цел да ги окупира важните места и пристаништа на персиската флота, а пред сé целото феникиско крајбрежје.
Александар не навлезе длабоко во Азија се додека детално не ја реализира својата програма. Бидејќи тешко може да се претпостави каква беше неговата замисла за освојување кога премина во Азија, не се знае кога е направен овој стратешки план, пред или во текот на победоносниот напад.
Силата на Александар Македонски беше во копнената војска. Врз неа, особено врз неспоредливо силната античка македонска елита, што неговиот татко му ја остави во наследство, а која беше обучена до совршенство, како и врз самодовербата на војничкиот гениј, се темелеше апсолутната сигурност на победата.
He само што тоа му ја заситуваше душата на младиот крал туку со тоа успеа да ги инспирира своите антички Македонци кои му беа неограничено верни. Без неговата сигурност за победа и без непобедливата желба за освојување, многу акции и успеси на Александар ќе беа нејасни.
Неговата војска беше помалубројна според онаа на противникот. Вклучувајќи ги античките грчки контингенти и околу 5.000 антички грчки наемници и контингентите на Тракијците, Агријаните и другите балкански племиња, војската на Александар Македонски, кога премина во Азија, броеше околу 30.000 пешаци и 5.000 коњаници.
Во коњицата беа вклучени 1.500 антички македонски коњаници (кралски следбеници), кои независно од кралскиот полк беа регрутирани од местата крај брегот што беа приклучени кон кралството на Филип Македонски..
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН