Има два главни аспекти што ги покренува договорот со „Бехтел и Енка“ од аспект на евроинтеграцискиот процес, објаснува Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, откако заради реализација на тој договор предлог-измени на пет закони добија европско знаменце, за да бидат донесени по скратена постапка.

„Едниот аспект е дека со Договорот се кршат правилата на acquis за јавни набавки, во чија основа се начелата на транспарентност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација. Јавните набавки се едно од приоритетните подрачја и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и на процесот на пристапување. Според ССА, јавните набавки беа меѓу приоритетите за усогласување на законодавството со ЕУ, уште во првата фаза на Спогодбата. Според новата методологија на проширување, пак, поглавјето ‘Јавни набавки’ е дел од ‘Темели’ – кластер кој е најзначаен во пристапувањето. Тоа е тесно поврзани со борбата против корупција, која што е хоризонтален аспект на пристапувањето. Кластерот ‘Темели’ прв се отвора, последен се затвора и од него зависи динамиката на преговорите, но и користењето на ‘клаузулата за реверзибилност’, во случај на сериозна стагнација или назадување во кластерот ‘Темели’“, посочува Ристевска.

Како што е познато, Собранието во јули 2021 година го усвои Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и коридорот 10 Д, со што отпадна механизмот за распишување јавна набавка, на која ќе можат да се пријават повеќе компании. Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е избран за стратегиски партнер за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8-ми март годинава. Ова не е прв случај на директен договор на изградба на автопати, без тендер. Собранието во 2013 година изгласа посебен закон за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, по што потпиша договор со кинеската компанија „Синохидро корпорејшн лимитед“. Актуелната власт, која тогаш беше опозиција, обвинуваше дека заобиколувањето на тендерските постапки има друга позаднина: провизии од милиони евра.

ЕК не ќе може да замижи

На изградбата на автопатите на делови од коридорите 8 и 10 д, власта им даде епитет „градби од стратешки интерес“. Со истото образложение Владата ги утврди предлог-измените на пет закони, а вицепремиерот Артан Груби објасни зошто истите ќе бидат доставени во Собранието со европско знаменце: со цел поефикасна, побрза и поевтина изградба, го посочи стратегиско значење на проектот, но и фактот дека и ЕУ го додала Коридорот 8 на мапата на европските коридори.

Според Ристевска, втор аспект е токму злоупотребата на скратената постапка во Собранието за донесување закони кои значат усогласување со acquis на ЕУ.

„Да се стави знаменце на ЕУ за да се оправдаат измени на закони со кои се овозможува спроведување на Договор спротивен на правилата на acquis, е ‘пукање во нога’. Веќе подолго време скратената постапка со знаменце на ЕУ се злоупотребува за парцијални измени на закони и за избегнување на јавна дебата во процесот на донесување на законите, што е веќе констатирано и повторено во извештаите на ЕК, и е, исто така, дел од Кластерот ‘Темели’. И додека устата на Владата е полна со паролите дека преговорите, па дури и скринингот, сами по себе ќе нѐ направат ЕУ и дека утре ќе станеме членка, само да го смениме Уставот, во практиката постапува целосно спротивно. Европската комисија нема да може да замижи или целосно да ги обои очилата розово кога ќе го пишува следниот извештај, а веќе го пишува“, вели Ристевска.

Од Делегацијата на Европската Унија во РМ веќе изјавија дека предлог-измените што ќе бидат доставени во Собранието со европско знаменце, не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата.

„Употребата на европско знаменце во легислативата навистина има за цел да ја забрза интеграцијата на Македонија во Европската Унија и затоа треба да цели кон усогласување со законодавството и стандардите на ЕУ. Во конкретниот случај, нацрт-легислативата се чини дека не се однесува на усогласување со таквите стандарди. Ние ја изразивме нашата загриженост до домашните власти и бараме дополнителни објаснувања. Како што веќе рековме во последователните извештаи на Европската комисија за Македонија, употребата на брзи процедури треба да биде ограничена и да се применува само кога е оправдано да се користи за да се унапреди реформската агенда кон ЕУ. Тоа не треба да се користи за заобиколување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во Законодавниот дом“, беше ставот на Делегацијата на ЕУ.

Политичка оправданост

Не е познато дали Владата дала дополнителни објаснувања, но вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ завчера (8.05) изјави дека станува збор за одлука со „политичка оправданост“.

„Оваа одлука е донесена за да се заобиколи нелегитимната блокада од страна на Левица, проруска партија, анти-НАТО партија, анти-ЕУ партија, која ќе направи сѐ да ги спречи коридорите впишани во европските трансевропски мрежи, и еден ваков проект реализиран од американска компанија. Сметаме дека тоа е нелегитимна блокада, која ние на легитимен начин со инструмент кој ни е на располагање сакаме да ја заобиколиме и за тоа имаме основа и политичка оправданост“, рече Маричиќ.

На ваквото образложение вчера се осврна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од партиска трибина во Тетово.

„Слушам дека вицепремиерот задолжен за европски прашања, значи оној кој треба да ја интегрира Македонија, вели дека било оправдана одлуката да се злоупотреби европското знаменце за изградба на коридорите 8 и 10 д. Значи оној кој треба да ја интегрира државата во ЕУ, го злоупотребува знамето на ЕУ само за да пројде случај каде има основан сомнеж за епски криминал. А не му кажале дека прашањето за почитување на законите и Уставот не е прашање на негова желба, туку негова обврска“, рече Мицкоски.

Тој очекува ЕУ што повеќе да реагира на злоупотреби.

„Вината, поради намалената доверба и растечкиот евроскептицизам, покрај на овдешната владејачка клика, неодминливо е и на Европската унија, која мора повеќе да се спротивставува на отворените злоупотреби кои актуелната власта ги прави во нејзино име“, порача Мицкоски.

Во изминатата деценија биле донесени околу 250 закони со европско знаменце. Станува збор за процедура чија цел е полесно усогласување со европското законодавство, но во голем број случаи таа била (зло)употребена за да се избегне блокада или поширока дебата, а истиот механизам го користеле сите власти во тој период.

Ваквата пракса честопати беше предмет на јавни критики, и неслучајно во последните два извештаи на ЕК беше наведена препораката дека „употребата на знамето на ЕУ треба да биде конзистентна и поврзана со законите кои главно имаат за цел да го усогласат националното законодавство со правото на ЕУ“.

Извор ДојчеВеле на македонски.