Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави книгата „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, со што ја одбележува 120-годишнината од појавата на капиталното дело за македонскиот јазик.
-Според Блаже Конески појавата на книгата е значаен настан во национално-културната историја на македонскиот народ и претставува континуитет во новата историја на нашиот народ, што постапно и неминовно води кон неговото национално осознавање, велат од издавачката куќа „Матица македонска“.
Книгата ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик. Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание, како и научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.
Повторно објавена „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков по повод 120 години од појавата на капиталното дело за македонскиот јазик
Date: