„Само кукавици и плашливци се закануваат во пораки. Еве јавно го повикувам дотичниот Роберт, кој ми се заканува мене, а и на претседателот Мицкоски, дека ќе ни ги ликвидирал нашите семејства, да се сретнеме ЛИЧНО, ОЧИ ВО ОЧИ“, пишува пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој објави „принтскринови“ од конверзација со лице на социјалната мрежа „Месенџер“ во која јасно се гледа дека му упатува закани него, но и на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Петрушевски ги повика надлежните институции да го решат случајот, а во спротивно како што рече, како знаеле и умееле, ќе се заштителе сами.
Пратеникот од опозицијата објави и фотографија со која открива дека шефот на државата, Пендаровски го одликувал со Благодарница, па му порача да му ја одземе истата.
„Доколку остана некој психички нормален во раководството на СДС, барам осуда и оградување од ваквите закани на нивни членови.
Исто така, барам од Претседателот на државата, г-нот Стево Пендаровски, да ја повлече издадената Благодарница на ваков насилник.
Ја повикувам и меѓународната заедница будно да ја следи состојбата со опозициските пратеници и функционери, кои се мета на секојдневни закани, следења и заплашувања со досиеа незаконски водени од функционерите на власта.
Доколку институциите на државата не сакаат да не заштитат, ќе бидеме принудени сами, како знаеме и умееме, да се заштитиме себе си’ и нашите семејствата.
И на крај, да им биде јасно на СИТЕ, и по цена на мојот живот, НЕМА да гласам за уставни измени, затоа што немам мандат од граѓаните“, напиша Петрушевски на Фејсбук.