Линеарното зголемување на пензиите кое што го побараа пензионерите во моментов е неизводливо, бидејќи станува збор за дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИОМ), кој веќе се соочува со дефицит.
„Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да можат да земат пензија“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на барањата на пензионерите кои на протести порачаа дека нема да отстапат од линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари, а минималната пензија да се покачи на 18.000 денари. Ковачевски најавува дека се бара решение за минималната пензија, но и за усогласување на платите на функционерите, откако одлуката на Уставниот суд за зголемување на нивните примања за 78% предизвика голем револт и незадоволство.
Институтот за економски истражувања, Фајнанс тинк, смета дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување. Истовремено тие ја повикаа Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите.
Повеќе од четири месеци, функционерите добиваат плати повисоки за 78%, по одлуката на Уставниот суд. Иако беше најавен нов закон за плати со кој ќе се регулираат и платите на функционерите и избраните лица, тој се уште не е готов.
Пензиите тешко ќе одат угоре, платите на функционерите уште потешко ќе одат удолу
Date: