Разликите во висината на пензиите во државата се големи. Едни живеат со пензија од 9.000 денари, други со 60.000 денари. Најголем дел од пензинерите, во просек, имаат месечно по 250 евра на располагање, со кои треба да ги покријат режиските трошоци, да купат храна и лекови и да го протуркаат остатокот од месецот. Состојбата е покритична доколку станува збор за самец-пензионер. Ако се има предвид дека цените на храната и режиските трошоци постојано растат, животот на пензионерите станува сѐ потежок и сѐ посиромашен.
Што покажува статистиката? Последните податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) покажуваат дека лани во декември бројот на пензионери во земјава изнесува 335,743, од кои 224.816 го оствариле правото на старосна пензија од работен однос.
Просечната пензија во минатата година изнесувала 14.022 денари, при што просечна старосна пензија била 19.131 денари.
Од вкупниот број на пензионери во земјава, до 12 илјади денари примаат 54.688 лица месечна пензија, а над 20.000 земаат 82.063 пензионери.
Најниските пензии се земјоделските. Според податоците на ПИОМ, просечната земјоделска пензија минатата година изнесувала 9.092 денари и неа ја примале 60 осигуреници.
Додека, пак, највисоката пензија исплатена лани на 1 јануари изнесувала 64.394 денари, додека пензии над 60.000 денари земаат 74 лица во земјава.
Со други зборови, еден земјоделец има за седум пати помала пензија од највисоката исплатена, која пак, е за околу три пати поголема од просечната која ја земаат најголем број на пензионери.
Последното зголемување на пензиите беше лани во септември кога со септемвриската пензија пензионерите добија покачување за 6,8 проценти. Досега пензиите се зголемија за 16%. Со усогласувањето во март годинава од дополнително зголемување од 7 отсто, пензиите за една година ќе бидат за над 20 отсто зголемени.
„Имам 14.000 денари пензија. Сѐ е толку скапо што парите не ми стигаат ни за половина месец. Кога ќе ги платам сметките и ќе ги купам лековите, останала помалку од половина пензија со која треба да се тера до крајот на месецот или по околу 300 денари на ден. Иако помагаат владините мерки, цените си растат. Може да се преживее „нормално“, само ако се двајца пензионери дома. Колку- толку ќе се протурка месецот“, вели С.А, (74) од Скопје, кој живее сам.
Колку владините мерки можат да ја подобрат финансиката слика на голем број македонски пензионери, ако гледајќи според големите разлики во износите, за едни зголемувањето значи 15 евра, за други 70 евра, според износот на пензијата.
Со последните антикризни мерки на владата од минатата есен, сите пензионери со пензии пониски од 14.000 денари четири месеци добиваат по 4.000 денари помош. На почетокот на јануари на оние со помали пензии од 14.000 денари им беше префрлена втората од вкупно четирите финансиски поддршки, по 1.500 денари добија 62.951 пензионер со пензија до 11.525 денари, а по 750 денари на сметките им легнаа на 65.704 лица со пензии од 11.526 до 14.000 денари.
Од март годинава сите пензии ќе се зголемат дополнително за 7 отсто, најави Владата. Процентите на раст се пресметуваат во согласност со Методологијата која налага раст на пензиите, според трошоците за живот и порастот на просечната плата.
И повторно, со ова зголемување оние пензионери кои имаат најголеми пензии ќе добијат зголемување од 4.507 денари, а оние со најниски, од 853 денари.
Големата разлика на сумата на непропоционалното зголемувањето на пензиите наидува на многу коментари на социјалните мрежи. Граѓаните се жалат на раст пресметан во проценти, затоа што големите пензии ќе станат уште поголеми, а кај најмалите нема ни да се осети зголемувањето. „Трошоците се зголемени за сите и затоа и зголемувањето треба да биде исто за сите. Не може тие што земаат високи пензии да им бидат зголемени за речиси 5.000 денари“…, се дел од коментарите на граѓаните. Податоците од ДЗС за стапката на инфлација во 2022 покажаа раст од 14,2 отсто на годишно ниво, а во јануари годинава за 17,1 отсто, во однос на истиот месец лани, што е највисоко ниво во однос на земјите од регионот, и воедно ги поткрепува реакциите на пензионерите.
Како е во блиското соседство? Во земјите од Западен Балкан минатата година просечните пензиите се движат од 90 евра до над 1.200 евра. Највисоки пензии има во Србија, каде минималните се 136, а максималните 1.258 евра, додека најниски пензии се во Косово- минималната е 90, а максималната 627 евра. Во Црна Гора најниската пензија е 147, а максималната 1.100 евра, додека во Македонија најниската пензија е 170, а највисоката просечна пензија е 938 евра. Во Федерацијата БиХ најниската пензија е 160, а највисоката 1.087 евра.
Право на старосна пензија од втор столб
Правото на старосна пензија од вториот столб произлегува од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување кое се разликува од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност или прв столб на осигурување, каде што од придонесите на сегашните вработени, се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери.
Вториот столб функционира на начин што дел од вкупно уплатениот придонес за пензиско осигурување се уплаќа во приватниот пензиски фонд каде што e член осигуреникот.
Средствата понатаму се инвестираат и се акумулираат на индивидуалната сметка на осигуреникот во пензискиот фонд.
Од тие средства, кога осигуреникот ќе оствари право на старосна пензија, ќе му се исплаќа пензија од вториот столб, покрај пензијата од првиот столб.
Сите осигуреници кои за првпат се вработиле по 1 јануари 2003 година задолжително стануваат членови на вториот столб, а на осигуреникот е оставено да одлучи со кое пензиско друштво ќе склучи договор и должен е да го стори тоа во рок од 3 месеци од првото вработување. Доколку осигуреникот не склучи договор во дадениот рок, по случаен избор ќе биде распределен во еден од постојните задолжителни пензиски фондови.
Средствата кои се на индивидуалната сметка во вториот столб осигуреникот може да ги искористи во моментот на остварување на право на старосна пензија, односно на 64 години возраст за мажи, а 62 години возраст за жени и со минимум 15 години работен стаж.
По исклучок, осигуреник кој не се стекнал со право на старосна пензија поради тоа што нема пензиски стаж најмалку 15 години, средствата од вториот столб ќе може да ги користи по наполнување на 65 години возраст.
Членовите на вториот столб ќе примаат пензија и од Фондот на ПИОМ и од институцијата овластена за исплата на пензија од вториот столб. Според ова, осигуреникот нема право да ја искористи својата заштеда пред да се пензионира.