Претседателот Стево Пендаровски, кој прв кажа колкава ќе му биде платата со зголемувањето, како што вети, покачувањето од 78 отсто, или вкупно 72.000 денари од платата за месец април ги донираше на две организации кои работат со млади.

„Донирани се 36.000 денари на Детското ликовно студио ‘Свети Кирил и Методиј‘ од Битола за поддршка и реализација на патувањето на најголемата годишна манифестација на УНЕСКО која се одржува во Троа, Франција, и на која Република Северна Македонија ќе биде претставена од ученичка која го освои третото место во својата категорија од 13 – 18 години во конкуренција од 71 земја“, ни одговорија од кабинетот на претседателот.

Другите 36.000 денари Пендаровски ги донира на Здружението на информатичари на Македонија кое континуирано, преку младите натпреварувачи во различни возрасни категории освојуваат медали и признанија на европски и светски натпревари, претставувајќи ја земјата во најдобро можно светло.

„Претседателот Пендаровски очекува дека наскоро Владата преку новиот закон за плати да ја реши ситуацијата“, додаваат од Кабинетот.