Летото е време кога многумина земаат годишни одмори и имаат зголемена желба за одмор, а одамна знаеме дека одморот е она што понекогаш ни е потребно на сите за нашето ментално здравје, чувството на среќа и зголеменото задоволство во животот.

И кога велиме одмор, не мислиме на лежење на каучот пред телевизор (иако немаме ништо против тоа), туку мислиме на патувања, екскурзии и откривање нови хоризонти. Имено, новото психолошко истражување покажува дека постои феномен наречен патувачка терапија, за која е докажано дека прави чуда за менталното здравје на луѓето.

Студијата ја спроведе „Оподо“, една од најголемите европски туристички агенции, а фокусот на истражувањето беше ставен на ефектот на патувањето врз менталното здравје на поединците. „Оподо“ анкетирал над 10.000 испитаници во неколку земји од ЕУ, а резултатите покажале дека патувањето е еден од најлесните начини за зголемување на задоволството од животот.

Така, над 90 отсто од испитаниците го опишале патувањето како извор на благосостојба. Излегува дека Португалците и Италијанците се нациите кои во дури 98 отсто им даваат приоритет на патувањето пред другите извори на среќа и задоволство во животот, а потоа следуваат Шпанците, Французите, а потоа Швеѓаните и Германците. Исто така, истражувањето откри дека најкорисно за психата на луѓето при патување е да „не прават ништо“ и дека во денешниот зафатен свет особено се цени можноста за ненарушен одмор, за „исклучување“ од секојдневниот живот.

Истражувањето покажа дека помладите генерации многу ги ценат авантуристичките активности на патувањата, додека постарите рекле дека им е важно да запознаваат нови луѓе и да се поврзат со нив. Освен тоа, истражувањето покажа дека патувањето има непобитно позитивно влијание врз психата на испитаниците и им помага да се справат со секојдневниот стрес во животот.

Паузата од секојдневието, релаксацијата, уживањето во храна, пијалак и нови искуства значително придонесуваат за ослободување од стресот, па ова е само уште еден поттик да ги резервирате вашите авионски билети и да откриете нова дестинација ова лето.