Пакистан претпладнево изведе воздушни напади на територијата на Иран. На удар биле пограничнaтa покраинa Систан/Белуџистан, пришто се убиени девет лица. Најголем дел од нив се жени и деца од иранско потекло. Пакистанскиот напад доаѓа по два дена откако Иран призна дека ракетирал бази на милитанти кои се поврзани со Израел на пакистанска територија. Како последица на тоа, официјален Исламабад го отповика својот амбасадор во Техеран и издаде предупредување за последиците за Иран. Двете земји имаа тешки односи во минатото, а последните напади се најсериозни и најголеми прекугранични упади во последните неколку години.

Пакистанските воени власти соопштија дека армијата е ставено во состојба на екстремно висока борбена готовност. Неименуван претставник порача дека секоја иранска авантура против Пакистан ќе наиде на силен одговор. Се огласи и шефот на иранската дипломатија кој порача дека ниту еден пакистански цивил не бил мета во иранскиот напад со дронови, туку бил насочен кон иранска терористичка група која се крие во Белуџистан.

Со оглед дека Пакистан е нуклеарна сила која се вовлекува во, и онака, тензичната состојба на Блискиот Исток, логична е загриженоста од опасноста која е надвисната над поширокиот регион. Кина веднаш реагираше со понуда да посредува за ублажување на напнатоста меѓу Иран и Пакистан поради страв од натамошна ескалација. Во соопштението на официјален Пекинг се наведува дека Иран и Пакистан се блиски соседи на Кина и пријателски земји со големо влијание, но и се изразува верба за задржување на присебноста и воздржаноста.