Веќе е оштетен муралот „Василичарска епопеја“ на академските сликари Ангелина Спировска и Владо Муковски, иако беше промовиран пред само два денови во центарот на Вевчани, со поддршка од Министерството за култура.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска преку социјалните мрежи остро го осуди и го нарече овој чин „вандалски“.

„Монументалното дело, прво во Вевчани е израз на почит кон вевчанската традиција, историја и култура и треба да се вреднува како општо национално добро. Неприфаќањето на уметничкото облагородување на јавен простор, што ја засилува убавината на Вевчани, не користи никому, а уште помалку да е предмет на поделби од каков било вид“, забележува министерката.

Таа потенцира дека ова вредно и оригинално уметничко дело е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција.

„Очекувам осуда за ваквиот чин и од локалната власт и постапување на надлежните органи за откривање на сторителите кои го уништија делото, кое е активен придонес во збогатувањето на животот на Вевчани и на посетителите на општина Вевчани“, објави Костадиновска Стојчевска.