Од убиството на легендарниот британски музичар и член на групата „Битлси“, Џон Ленон, поминаа 43 години, а сега првпат откриени се неговите последни зборови и тоа во новиот документарец за ноќта кога пејачот бил брутално убиен.
Во филмот „John Lennon: Murder Without a Trial“ во центарот на настаните е убиството на членот на „Битлси“ кое се случило на 8 декември 1980 година и во него ќе бидат прикажани досега непознати детали, меѓу другото и изјава на убиецот на Ленон, Марк Чапман којшто зборувал за својот мотив.

Џеј Хастингс којшто работел на рецепција на станбената зграда на Менхетен пред која сето тоа се одвивало, ги слушнал последните зборови на Ленон и вели дека музичарот извикал „погоден сум“, пред да падне на земјата.
„Рече „погоден сум“. Му течеше крв од устата и падна на земја. Го свртев настрана, му ги извадив очилата и ги оставив на масата. А, Јоко врескаше: Викнете брза помош, викнете брза помош“, раскажал Џеј.
Во филмот говори и таксистот Ричард Питерсон којшто сведочел за пукањето.

„Ленон влегуваше, а некое момче рече: Џон Ленон.. Го видов низ прозорецот од таксито. Гледав и тој пукаше во него. Тој тип токму тогаш го уби Џон Ленон“, се присетил Ричард.
Во филмот можат да се слушнат и аудиоснимки од разговорот на Чапман со неговите адвокати пред судењето. На прашањето од својот адвокатски тим зошто пукал во Ленон, Чапман се присетил на песната од Битлси и рекол: „All You Need Is Love, дали некогаш сте го слушнале тоа? Па, ова е она што јас го велам на тоа: Сѐ што ви треба е љубов и 250 милиони долари. Беше најголем, најлажниот човек којшто некогаш живеел“.

Останатите соговорници во емисијата вклучуваат и итни и полициски службеници и медицинската сестра Барбара Камерер која ѝ ја соопштила веста за смртта на Џон Ленон на Јоко Оно.
Режисер на филмот е Ник Холт, а тој додал дека сака да ги забележи сведоштвата од луѓето за тој настан, пред истите засекогаш да се изгубат, а филмот ќе биде прикажан на „Apple TV“.