Покраинскиот суд во Дрезден денеска осуди петмина членови на берлинскиот арапски клан на неколкугодишна затворска казна за кражба на накит што му припаѓал на историскиот музеј Грин Валт во Дрезден.
Во музејот се чуваат непроценливи кралски богатства. За потсетување, на 25 ноември 2019 година, разбојниците упаднале во историскиот музеј во Кралската палата во Дрезден, каде се чуваат 4.000 скапоцени предмети направени од слонова коска, злато, сребро и скапоцени камења.
Меѓу нив имало блескави фигурини со скапоцени камења и пехари направени од позлатени јајца од ној. Едно од најпознатите парчиња на колекцијата, 41-каратниот зелен дијамант познат како Дрезден Грин, во тоа време не бил во музејот, туку бил позајмен на Метрополитен музејот на уметност во Њујорк.
Судот осуди пет членови на арапскиот криминален клан Ремо, на возраст меѓу 25 и 29 години, на затворска казна од четири и пол до шест и пол години. Членовите на арапскиот клан со седиште во Берлин биле уапсени неколку месеци по грабежот и оттогаш се во притвор.
Релативно малите казни се резултат на договорот меѓу адвокатите на обвинетите и властите, според кој најголемиот дел од украдените накит, кој делумно бил скриен во берлински канал, е вратен. При грабежот бил оштетен голем дел од накитот.
Еден од осудените веќе отслужува затворска казна за уште еден спектакуларен грабеж, кога во 2017 година од берлинскиот музеј Боде бил украден златник тежок сто килограми. Членовите на арапското семејство досега биле вклучени во неколку спектакуларни грабежи, вклучувајќи го и грабежот на накит од берлинската луксузна стоковна куќа KaDeWe во 2014 година.
На снимката од надзорните камери се гледа како двајца маскирани крадци го кршат стаклото и грабнуваат 21 скапоценост обложена со дијаманти. За само неколку минути тие украле некои од највредните историски скапоцени камења во светот. Оттогаш полицијата пронашла само дел од украдените предмети.
Директорката на колекцијата Марион Акерман рече дека материјалната вредност на предметите во музејот не е ни приближно да ја одрази нивната непроценлива историска и културна важност. Речиси сите украдени артефакти се направени за време на владеењето на Фредерик Август III.
Германските медиуми тогаш објавија дека тоа е најголемиот грабеж на векот. Билд, на пример, напиша дека „ова е веројатно најголемата кражба на уметнички предмети од Втората светска војна“.