За пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова, колективните оставки на министрите на ДУИ со одложено дејство се непознат феномен. Таа вели, во Уставот е предвидена процедура на поднесување оставка, за која потсетува дека е личен чин.
„Се работи за т.н. оставки или за симулација на оставки, бидејќи Уставот е јасен, во членот 94 вели дека секој министер може да поднесе оставка. Оставка, колективна од сите заедно со писмо е непознат уставен или парламентарен феномен. Треба, преку премиерот, оставките да се достават до претседателот на Собранието, оти легитимитетот на министрите од нас извира и претседателот веднаш треба да ги достави до пратениците и на следната седница само се констатира престанокот на мандатот“,
вели Силјановска-Давкова во интервју за ТВ Канал 5.
Таа додаде и дека првпат слуша за условени оставки.
„Оставката е личен чин, се поднесува писмено и секој поединечно. Значи, да, се работи за некое алиби, за некој политички маневар кој не можам да го толкувам бидејќи непознат феномен е“,
додаде пратеничката.
Во однос на тоа дека оставките имаат цел да ја мотивираат опозицијата да гласа за уставни измени со цел надминување на спорот, Силјановска-Давкова е на став дека уставните измени не се гаранција дека Бугарија ќе нема нови барања.
„Чуму ѝ се на Бугарија нови барања? Преговорите во рамки на т.н. историска комисија се непресушен извор на можни барања, и во рамките на шесте кластери и во рамките на поглавјата, бидејќи во протоколите ќе дојде израз договореното или не договореното. Значи господар на прстените е Бугарија“,
кажа таа.
Инаку, веста дека сите министри и останати функционери на ДУИ во Владата поднесуваат оставки до премиерот Димитар Ковачевски, ја соопшти партискиот лидер Али Ахмети, но, оставките ќе важат од моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени.
Во писмото до премиерот Ковачевски, кое Ахмети го објави на социјалните мрежи, се наведува дека земјава се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина, па преземајќи ја одговорноста како политичка партија со оглед на условот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени доколку има влада без ДУИ, тие се решиле на ваков чекор.