Двајцата осомничени за исчезнувањето на 26-годишниот скопјанец Самоил Костадиновски, успеале во затворот „Скопје“ во Шутка, каде издржуваат мерка притвор, да набават телефони, објави „Макфакс“.
Затворските полицајци ги претресле нивните ќелии, во кои ги пронашле и им ги одзеле телефоните.
Директорот на затворот, Филип Андов, во интервју за „Макфакс“ потврдува дека се најдени телефоните кај двајцата осомничени во притворското одделение.
Порталот пишува и дека податоците кои полицијата ги добила од овие уреди, довеле до акцијата во која на почетокот на месецов беа уапсени повеќе членови на група која продавала дрога. Засега не се знае дали во овие телефони има и траги кои ќе доведат до исчезнатиот Костадиновски, кој е внук од сестра на поранешниот министер за внатрешни работи и претседател на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.