Приведениот Џек Тешеира, осомничен за протекување на разузнавачки податоци од Пентагон, денеска ќе појави пред суд во Масачусетс.

Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер изјави дека протекувањето на доверливи информации е „намерен, криминален чин“. Но, Пентагон досега не одговори како лице со толку низок чин имал пристап до доверливи документи.

Тешеира вчера беше приведен од страна на ФБИ под сомнеж за кражба на американски доверливи информации. Дваесет и едногодишниот припадник на Националната гарда на Масачусетс бил модератор на приватна група во социјалната платформа „Дискорд“, популарна меѓу љубителите на видеоигри, каде споделувал доверливи документи. Тој бил познат под псевдонимот „ОГ“.

Протечените документи се однесуваат на сомнежите на САД за успехот на претстојната украинската контраофанзива, како и за директната или индиректната вмешаноста на други земји во конфликтот.

Според документите, американското разузнавање, наводно, во февруари ја предупреди Украина дека можеби нема да може да собере доволно војници и оружје за нејзината планирана пролетна контраофанзива и дека може „многу помалку“ од наведените цели на Киев за враќање на територијата заземена од Русија.

Во друг документот од февруари, означен како „строго доверливо“ се наведува дека Киев се соочува со значителни „недостиг на генерирање сила и одржување“ и затоа најверојатно ќе оствари само „скромни територијални придобивки“.

Во друг документ од 23 февруари, се истакнува дека требало да се формираат за 12 „борбено веродостојни“ нови бригади, кои би ја предводеле контраофанзивата, опремени со 253 тенкови и околу 1.500 други оклопни возила од различни типови. Три бригади требаше да бидат формирани од Украинците, а останатите девет да се формираат со помош на САД, сојузниците и партнерите. Планираните бригади беа далеку од подготвени во времето кога беа креирани документите, а пет допрва требаше да започнат со обука. Шест бригади имаа половина или помалку од потребната опрема.

Според документите, од 23 март во Украина дејствува европска група специјални сили. Во таа групата „САД/НАТО“, која брои 97 лица, 50 се припадници на британските специјални сили. Групата вклучува 17 лица од Летонија, 15 од Франција и еден од Холандија. Има и 14 Американци.

Посочените земји одбија да ги коментираат таквите наводи, додека Белата куќа призна дека има „мало американско воено присуство“ во Амбасадата на САД во Украина, истакнувајчи оти војниците „не се борат на бојното поле“.

Во протечените документи содржат информации и за снабдувањето на Украина со оружје и кои држави јавно, а кои тајно доставуваат оружје до вмешаните страни.

Украинската воено разузнавачка служба денеска соопшти дека протекувањето на доверливи американски документи нема да има никакво влијание врз планираната офанзива на Киев.

– Москва би можела да биде единствената што ќе профитира од протекувањето податоци. Тоа нема да може да влијае на вистинските резултати од офанзивната операција. Аферата нема да има долгорочно негативно влијание врз односите меѓу Вашингтон и Киев, изјави директорот на Украинската воено разузнавачка служба Кирило Буданов.

Воените експерти очекуваат Киев да започне контраофанзива во следните недели за да ја врати територијата која сега е под руска контрола.

Претходно, рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека протекувањето на американските тајни документи за судирот во Украина „можеби е измама што Вашингтон свесно ја пласираше со цел на кампања за дезинформации за да ја измами Русија“.

– Со оглед на тоа што САД се составен дел од конфликтот (во Украина), каде што всушност водат хибридна војна против нас, можни се такви методи со цел да се измами непријателот, што значи Руската Федерација, истакна Рјабков.

Протекувањето на доверливите документи од Вашингтон беше оценето како „многу висок ризик“ за националната безбедност на САД. Тоа е најсериозно нарушување на безбедноста од 2013 година, кога повеќе од 700.000 тајни документи беа објавени на Викиликс.

Нејасно е дали сите објавени документи се оригинални. Според телевизијата „Си-ен-ен“, соработници на американската влада генерално го потврдиле тоа, но „Вашингтон пост“ кој исто така се повикува на информации од властите, тврди дека дел од документите се изменети.