Еколошката граѓанска иницијатива „Охрид СОС“ предупредува на опасноста што по здравјето на граѓаните на Охрид претставува дивата депонија каде се одлагацврст отпад и шут кај поранешното воено стрелиште „Маукцер“ на излезот од градот.

Од иницијативата на нивната фејсбук-страница објавуваат фотографии на кои се гледаат големи количества градежен шут, наталожени купишта азбестен отпад оставен на отворено, истрошени автомобилски гуми, градежен шут, делови од мебел, секаков вид пластика…

Тие предупредуваат дека азбестот е прогласен за опасен отпад, како и оти во земјава неговата употреба е целосно забранета пред неколку децении.

Повикувајќи се на извештаи на експерти, од „Охрид СОС“ посочуваат дека азбестот „убива“ при долготрајна изложеност на отворено и негово вдишување.
Проблемот со азбестот настанува кога станува збор за дотраен материјал, што оставен на отворено се распаѓа, а доколку неправилно се одлага опасните негови честички завршуваат во воздухот, што преку дишењето ги загрозува човекот и животните.

„Македонските закони го ставија предзнакот ‘опасно’ кога се работи за азбестните материјали, но протоколите остануваат главно на хартија. Покрај посебната заштитна опрема за работници, предвидено е отпадот од азбест да се собира и отстранува колку што е можно поскоро во непропустливи затворени вреќи, а транспортот задолжително да се прави во специјални затворени возила. Целта на ова е во најголема можна мерка да се спречи емисија на азбестните влакна во животната средина. Во Македонија, единствено во скопската депонија „Дрисла“ има специјални јами каде може да се депонира овој опасен отпад. Таму азбестот нареден на дрвени палети и обвиткан со „стреч“ фолија се депонира во ровови обложени со геотекстил и геомембрана. По обложувањето на рововите палетите со азбесните плочи се ставаат во ровот и се покриваат со земја, по што врз нив пак се става геомембрана“, стои во објавата.

Од „Охрид СОС“ предуредуваат дека во Охрид нема ништо од тоа, отпадот сои на отворено, азбестните плочи се кршат и ронат и сето тоа останува во воздухот.

„Ниедна институција, колку што ни е познато не следи што се случува на оваа депонија, какви емисии има и колкаво е потенцијалното загадување на почвата, воздухот, подземните води исл. Нема ригорозни мерки со високи казни за лицата и фирмите кои на своја рака ќе го транспортираат и остават ваквиот тип отпад на несоодветни локации, диви депонии, како што е случајот со Охрид. Инспекциите се во длабок сон“, реагираат од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС.