За 10 дена, Бугарија успеа да деградира 4 народи, 3 земји и милиони граѓани од Македонија, Србија и од Грција, велат од ОМО Илинден Пирин.

Tие укажуваат на провокациите кои не запираат.

„Уште нетргнати се заканија дека ќе палат знамиња на Албанија и Македонија. При пристигнувањето беше предизвикан инцидент со локалното албанско население во Скопје, при што беше прободен еден бугарски граѓанин, за потоа инцидентите да ги префрлат на стадион во судир со македонската полиција, која уапси 19 бугарски навивачи. За извиците од трибините како им посакуваат смрт на Албанците, дека Македонија е бугарска земја и слична реторика, да не ни споменуваме“, пишува ОМО Илинден Пирин.

Додаваат дека на 2 август, „во присуство на највисокото претставништво на државата, јавно на ТВ, повторно и по 150-ина години, со тешка дискриминаторна реторика, јавно искажани територијални претензии и нималку добрососедски став го обележаа Илинден како празник на бугарското востание, па и манипулирајќи го името со нивната измислица за некакво си илинденско-преображенско востание и претставувајќи го како востание на Бугарите“.

„Нивната политика на дискриминација ја свртеа кон Србија, на која исто така ѝ го дискриминираат српското малцинство во Бугарија и го декларираат како непостојно. На тоа веднаш добија одговор од Ивица Дачиќ дека и бугарското малцинство, кое изнесува само 0,29 отсто во Србија, нема да биде признаено“, се вели во објавата на ОМО Илинден Пирин.

Додаваат дека пред неколку дена во градот Кавала, 35-годишен Бугарин го отстранил грчкото знаме од јарбол и поставил бугарско извикувајќи: ‘Тоа е Бугарија!’ Полицијата соопштила дека сторителот ѝ е познат и од претходни прекршоци и тој бил однесен на распит во Драма.

Инаку, бугарската „Фондација Македонија“ планира во септември да отвори новинарско студио во Скопје од каде ќе емитува онлајн телевизија.

„Нашите медиуми во Македонија стануваат 5. Во септември планираме да отвориме студио во Скопје, од каде ќе се емитуваат нашите програми и вести за нашата онлајн телевизија во Македонија“, објави Фондацијата преку нејзиниот профил на Фејсбук.

Фондацијата повикува секој да ѝ донира колку може. Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот, за да продолжи со европските преговори.